Јавното обвинителство формирало комисијата која ги следи изборите и е подготвено веднаш да ги исконтролира евентуалните нерегуларности кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.
Оттаму информираат дека дежурен јавен обвинител од скопското обвинитeлство е присутен во седиштето на СВР Скопје каде заедно со Штабот во рамките на оперативна акција „Избори 2021 година“ се следат сите настани поврзани со неправилности за локалните избори.
„Основното јавно обвинителство Кочани синоќа прими кривична пријава против две лица за кривично дело – Спречување на избори и гласање од член 158 став 1 и кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 став 1 од Кривичниот законик. Јавен обвинител веднаш издаде наредба до МВР-ОВР Кочани за да се извршат проверки по наводите во пријавата“,
известија од обвинителството.
До Комисијата, преку електронската адреса во текот на вчерашниот ден пристигнала една пријава од невладина организација, која се однесува на притисоци и закани упатени кон набљудувачи на изборите искажани преку коментари на социјална мрежа, а Комисијата ги проверува наводите.
Во претходните денови, Комисијата постапувала и по сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведување на локалните избори.
„Дадени се задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик. Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности преку воспоставените дежурства на јавни обвинители во основните јавни обвинителства продолжува да го следи спроведувањето на локалните избори“,
пишува во соопштението од Јавното обвинителство на Северна Македонија.