На барање на Обвинителството, на 57-годишниот професор му е одреден осумдневен притвор
Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка против 57-годишен професор од Струга за кривично дело насилство.
Се работи за случајот, за кој вчера информираа повеќе медиуми, кога професорот со боксирач удрил 18-годишен ученик во пределот на главата. Физичкиот напад следувал по кратка вербална расправија на професорот со мајката на оштетениот ученик.
Судот одреди осумдневен притвор за професорот на барање на надлежниот јавен обвинител.
Средношколците од струшката гимназија „Ибраим Темо“ каде што се случи инцидентот денеска излегоа на протест пред Основниот суд во Струга, со транспаренти „Стоп на насилството“, „Бараме казна“, „Не сме безбедни“.