Јавното обвинителство почна со проверка на наводите на министерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев, кој вчера го пријави премиерот во техничката влада Оливер Спасовски за злоупотреба на службената положба.
„Со таа цел, надлежниот јавен обвинител поднесе барање до Владата на РСМ за обезбедување на потребните податоци и писмени докази кои се однесуваат на наводите“,
соопштија од Обвинителство.
Кривичната пријава против Спасовски, Чулев ја поднесе за седницата на Владата одржана на 15.2.2020 година, на која беа поништени повеќе негови решенија. Министерот за внатрешни работи во техничката влада тврди дека за разрешувањата воопшто не се расправало на седницата и не постои одлука за тоа. Ставот на Владата, пак, е дека Чулев, според законот, има право на 15 промени во раководните структури на МВР од кои 14 веќе ги искористил до спорната владина седница, а Чулев направил и 131 распоредување по хоризонтална линија.

*поврзана вест Владата до Чулев: Законски се поништени решенијата за распоредување
Кривична од и за Наќе Чулев
Но, освен што Обвинителството ги истражува наводите во кривичната пријава на министерот Наќе Чулев, тој и самиот е предмет на проверки. Против него, кривична пријава поднесе дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска.

Таа го товари за злоупотреба на службената положба и несовесно работење во службата за неговата телеграма од 8.1.2020 година. Во таа телеграма Чулев ги извести раководителите во МВР да не ги врачуваат решенијата за распоредување донесени од неговиот претходник, а сега премиер на техничката влада, Оливер Спасовски.
„Во поглед на оваа кривична пријава, надлежниот јавен обвинител издаде наредба да се направат проверки до Министерството за внатрешни работи, до техничкиот министер и до дополнителниот заменик на министерот од кои се бара да достават релевантни податоци и да приложат писмени докази“,
велат од Обвинителството.
*поврзана вест: Судирот во врвот на МВР стигна до кривична пријава од Петровска за Чулев
И во двата предмета, во зависност од доставените податоци и докази, Основното јавно обвинителство-Скопје ќе одлучи согласно Законот за кривична постапка.