Палевски на денешното рочиште презентираше видеодокази кои, според неговото образложение, потврдуваат учество на три лица, а не четири во грабнувањето на Панче Жежовски
Главната расправа продолжи со дополнение на доказната постапка каде што од страна на Обвинителството беше образложено дека обвинетиот Боре Видевски не бил на своето работно место на денот на грабнувањето и убиството на Вања и Панче, а воедно и немало достапни податоци за извршено пробно испукување со оружјето кое го поседувал обвинетиот

Денеска во скопскиот Кривичен суд продолжи судењето за убиството на Вања и Панче, а во текот на рочиштето првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо презентираше службени белешки од видеодокази од камерите на хотелот „Романтик“ кои, според неговото образложение, потврдуваат учество на три лица, а не четири во грабнувањето на Панче Жежовски.
Тој образложи дека согласно доказот, виш инспекторот и началник во СВР Велес, Стојан Кујанџиоски, кој ги анализирал видеозаписите, пред судот ја потврдил точноста на службената белешка бр. 2532 од 7.12.2023.
Палевски истакна дека видеоснимките потврдуваат учество на три лица, а не четири, како што тврди Обвинителството.
Според Палевски, ова е докажан и утврден факт со видео, со сведочење, кој од ОЈО Скопје не го доставиле во листата на докази во обвиненијата, а доставени се други девет службени белешки за сите останати видеа кои биле презентирани.
Во продолжението на судењето се изврши увид во чаурата пронајдена на местото на убиството на 74-годишниот Панче Жежовски.
Во однос на барањето за изведување на це-де, Судот информираше дека застапникот на обвинението изјавил дека немаат запис од камера од „Сејф сити“ од возилото на место Нова железничка.
Главната расправа продолжи со дополнение на доказната постапка каде што од страна на Обвинителството беше образложено дека обвинетиот Боре Видевски не бил на своето работно место на денот на грабнувањето и убиството на Вања и Панче, а воедно и немало достапни податоци за извршено пробно испукување со оружјето што го поседувал обвинетиот.
Обвинителството презентираше докази кои се листата од електронската евиденција за работното место на обвинетиот Боре Видевски. Според приложената документација од ЈКП „Древен“ Велес, Видевски не бил присутен на своето работно место на 22 и 27 ноември, деновите на убиството на Вања и Панче.
Обвинителството образложи дека нема достапни податоци за извршено пробно испукување со оружјето кое го поседувал обвинетиот, што ја оневозможува споредбата на неговото оружје со чаурата пронајдена при увидот во местото викано Рудник во Велес.
Според известувањето на надлежните органи, чаурата била внесена во системот за автоматска компарација, но анализата не покажала поклопување со претходно внесени податоци од кривично-правни настани во земјата.
Таа рече дека предметната чаура потекнува од муниција со калибар 9 милиметри од производителот „Сувенир“, Македонски Брод, произведена во 2002 година.
Компаративна анализа, рече обвинителката, била направена на предметната чаура и во однос на пиштолот „зброевка“, од обвинетиот Боре Видевски, и се известува дека со оглед на тоа дека нема податоци за извршено пробно испукување за наведеното оружје, не е направена споредба и се појаснува дека без доставени чаури, од пробно испукување од конкретното оружје не може да се врши компаративна анализа со предметната чаура.
Првообвинетиот Љупчо Палевски во врска со новиот доказен материјал рече дека Обвинителството, со задоцнување од една година се обидува да изгради алиби за себе поради, како што рече, „непостапување во откривањето на критичните елементи на случајот“.
Според адвокатот Бојан Манев, кој го застапува Боре Видевски, прашањето за оружјето на обвинетиот и недостигот од траги за испукување во базата на Министерството за внатрешни работи (МВР) е контрадикторно. Тој изрази сомнеж околу контрадикторноста во документите што ги доставило МВР до Обвинителството, кои беа презентирани на денешното дополнение на доказната постапка.
„Од една страна имаме потврда дека оружјето е легално, но од друга страна нема никакви податоци за испукување во базата на МВР. Ова е или пропуст или намерно занемарување на архивите“,
изјави Манев додавајќи дека ќе повика сведоци кои можат да потврдат присуството на Видевски на неговото работно место на 22 ноември.
Дополнително, адвокатот Јовица Страшевски, кој го застапува Љупчо Палевски, побара вештачење на чаурата пронајдена на местото на убиството на Панче Жежовски.
„Обвинителството денеска достави наредба и известување, каде што е побарано дали од кривично-правни настани во Македонија кои се случени, е испукано од некои од тие тестирани чаури или пиштоли, и дали е испукано од оружјето на Боре Видевски. Меѓутоа, не и од сите останати регуларни пиштоли за кои постои евиденција во РМ. Такво нешто Обвинителството нема. Глупаво е да се изразам дека на шверцерски начин сака да се сокрие една работа која е многу битна, а таа е битна да се најде чаурата од кое оружје е испукано, дали од легално или нелегално“,
рече Страшевски.
Судењето продолжи со изведување на докази од страна на Обвинителството, фотодокументација за комуникација на Љупчо Палевски со лицето Ерол Османи кој како сведок беше испитан во текот на оваа постапка.
Судењето продолжува на 21 мај 2025 година.