Обдукцијата на телата на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче заврши на 5 декември, но сè уште се чека Институтот за судска медицина и криминалистика да ги изготви и официјално да ги достави обдукциските наоди до Обвинителството
Извештајот од обдукцијата која треба да ги утврди причините за смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска сè уште не е официјално доставен до Јавното обвинителство.

Во кусото известување, од Скопското обвинителство соопштија дека во тек е фазата на прибирање на сите докази околу истрагата на убиството на Вања и на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.
Обдукцијата на телата на убиените Вања и Панче заврши на 5 декември, но сè уште се чека Институтот за судска медицина и криминалистика да ги изготви и официјално да ги достави наодите до Обвинителството.
Телата на Вања и Панче беа пронајдени во околината на Скопје и Велес на 3 декември. Претходно, и девојчето и мажот беа пријавени за исчезнати во полиција. Според МВР и Обвинителството, тие двајца не биле поврзани, но за нивното грабнување и убиство се осомничени истите лица. Првоосомничен за грабнувањата и убиствата е Љупчо Палевски-Палчо кој беше пронајден во Турција и кому му е одреден 40-дневен екстрадициски притвор.