Од Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за „360 степени“ потврдија дека четворица вработени во Министерството за внатрешни работи се повикани да дадат исказ поради поврзаност со случај на издавање податоци и снимки од посебни истражни мерки. На четворицата им се одземени мобилните телефони и се предадени на вештачење.
Вработените во МВР не се уапсени, туку се поканети веднаш да се појават во ОЈО за гонење организиран криминал. Случајот засега е во фаза на предистрага.
Неофицијално, станува збор за оддавање снимки направени со посебни истражни мерки во случајот „Поткуп“ во кој беше обвинет, па ослободен од судот експремиерот Зоран Заев. Снимките се направени во 2014 година, а пред извесно време се објавени на некои портали во земјава.
Четворицата повикани да дадат исказ, во 2014 година биле дел од Секторот за прикриени операции во Одделот за сузбивање сериозен и организиран криминал при Бирото за јавна безбедност во МВР. Не се дел од обезбедувањето на министерот Наќе Чулев, како што јавија некои медиуми.