Во врска со адвокатот на Палевски, кој од вчера попладне беше на распит во полициска станица, јавен обвинител оценил дека во моментов не постојат законски основни за да бидат предложени мерки за негово обезбедување, но дека проверките за негова евентуална инволвираност во кривичноправниот настан продолжуваат
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје отвори истрага за човекот кој се сомничи дека го превезувал првоосомничениот за двете убиства, Љупчо Палевски-Палчо, од Србија, преку Бугарија до Турција, а со тоа извршил кривично дело „помагање по извршување на кривичното дело“.

„Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице“,
велат од Обвинителството.
Осомничениот, како што посочуваат од ОЈО Скопје, во периодот од 1 до 3 декември му помогнал на Палевски да не биде откриен за двете кривични дела кои ги сторил – грабнување и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие), обезбедувајќи му превоз со автомобил.
По претходна комуникација и договор со Палевски, кој во моментот се наоѓал во Србија, осомничениот со возило „ланд ровер“ со струмички регистарски, во сопственост на фирма, се упатил кон Белград.
„Таму се сретнал со сторителот и заедно со возилото се упатиле кон границата на Србија со Бугарија – граничен премин ‘Калотина’. Границата ја поминале на 2.12.2023 година, па движејќи се низ територијата на Р. Бугарија истиот ден пристигнале на границата со Турција, граничен премин ‘Капитан Андреево’, и влегле во Турција. Таму биле заедно до 3.12.2023 година, по што сторителот останал, а сега осомничениот со возилото преку Грција се упатил кон државава каде бил приведен на граничниот премин ’Стар Дојран’“,
посочуваат од Обвинителството.
Во врска со адвокатот на Палевски, со кого тој од земјава замина за Белград на 30 ноември, а кој од вчера попладне беше на распит во полициска станица, јавен обвинител оценил дека во моментов не постојат законски основни за да бидат предложени мерки за негово обезбедување, но дека проверките за негова евентуална инволвираност во кривичноправниот настан продолжуваат.
Претходно, Обвинителството отвори истрага против пет лица кои се осомничени во случајот со грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Четворица се товарат дека како соизвршители сториле две кривични дела – грабнување и две убиства на свиреп начин, а петтиот за помагање при делото грабнување.