Основното јавно обвинителство отвора истражна постапка против две лица од селото Ласкарци за неовластено поседување оружје. Двајцата биле сопрени од полицијата вчера во близина на Градскиот парк во Скопје и при претрес на возилата, полицијата пронашла пиштоли, за кои самите признале дека не поседуваат дозвола.
„Првиот осомничен, 26-годишник од селото Ласкарци, на 20 јули на булеварот “Илинден“ во Скопје, неовластено држел огнено оружје пиштол марка EKOL Tiger за светлосна-звучна сигнализација, на кој била извршена дополнителна механичка интервенција, монтирање и поставување метална жлебна цевка. Со тоа пиштолот бил прилагоден во огнено оружје – полуавтоматски пиштол, во кој имало 5 куршуми со калибар од 6,35 мм. Оружјето и муницијата биле пронајдени во касетата на предното совозачко седиште од автомобилот со кој управувал осомничениот.“
пишува во соопштението од Обвинителството.
Во вториот автомобил, како што се наведува, совозач бил вториот осомничен на возраст од 32 години, исто така од селото Ласкарци. Кај него бил пронајден пиштол марка TOKAREV Tokagypt 58 со една рамка со седум куршуми.
Обвинителството бара судија на претходна постапка да изрече забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат повремено кај определени службени лица и привремено да им бидат одземени пасошите.