Скопското јавно обвинителство отфрли кривичната пријава од Финансиската полиција против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, нејзиниот заменик Драган Недељковиќ и раководителот на секторот финансии во периодот 2009-2017 година. Финансиската полиција ја поднесе пријавата во декември 2017 година, бидејќи министерството набавувало опрема од странска компанија, пред компанијата да регистрира подружница во земјава како што налага законот. Притоа, сомнежот на Финансиската полиција беше дека е направена штата на буџетот од 2,77 милиони евра.
По кривичната пријава, надлежен јавен обвините наредил изработка на вештачење од Бирото за судски вештачења, при што:
„Вештото лице констатирало дека фактурите доставувани од „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија до Министерството за култура биле искажани во евра со посебно искажан ДДВ и со наведена сметка на која треба да биде исплатена сумата. Притоа функцијата на подружницата не била реализирана во целост, со оглед на тоа што фактурите биле изготвувани и доставувани од страна на матичната компанија, наместо од подружницата. На овој начин е создаден неправилен тек на парите“,
соопшти ОЈО Скопје
Па сепак, иако била констатирана неправилност, обвинителството се одлучило да ја отфрли пријавата, бидејќи во меѓувреме биле платени сите давачки, кои биле избегнати со неправилниот тек на парите.
„Со исклучок на определени веќе констатирани неправилности од Управата за јавни приходи во пресметаниот ДДВ на подружницата за извршените работи, други неправилности не се утврдени. За констатираното од УЈП се составени записници, врз основа на кои се изготвени решенија со кои подружницата била задолжена со ДДВ во точен износ и тој износ веќе е наплатен. Со самото тоа не постои штета на Буџетот на државата, ниту каква било друга штета, утврди вештиот наод и мислење“,
образложуваат од ОЈО Скопје