Најголем дел од предметите за Мерко се за злоупотреба на службената положба и овластувања, а биле оформени по кривични од здруженија на граѓани, адвокати, Управата за финансиска полиција… Еден од предметите, на пример, е од лани и се однесува на пријава за ангажмани за адвокатски услуги, а друг е поврзан со експропријација на земјиште и е од 2019 година – двата се сè уште во предистрага.
Од Обвинителството велат дека ќе испитуваат дали струшкиот градоначалник вршел влијание во предметите, а ако се утврди дека обвинители постапувале неажурно и нестручно, ќе се поведе постапка против нив

За градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, од ДУИ, во евиденцијата на Јавното обвинителство се активни шест предмети (во предистрага и истрага) од кои повеќето се за злоупотреба на службената положба и овластувања. Еден од нив, според евиденцискиот број е од 2015 година и сè уште не е затворен бидејќи повеќе од три години се чека дополнително вештачење од Бирото за судски вештачења.
Мерко заедно со неговото семејство во вторникот (20 јуни) беше ставен на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, присвоил средства и се мешал во судски и во други јавни процеси.
Дали и какво влијание има градоначалникот и во случаите што се водат против него, од Јавното обвинителството велат дека проверуваат откако на тоа посочија од САД.
„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија исклучително сериозно ги зема предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на ова лице врз постапките. Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание, ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“,
велат од Обвинителството.
Покрај шесте активни предмети, за Мерко изминатите години се воделе и други предмети кои се затворени, а обвинителството најавува дека ќе проверува дали тој се мешал и имал влијание и во нив.
Три од предметите се од годинава – предметите ги водат ОЈО Струга и ОЈО ГОКК
За сите активни предмети денеска излегоа од Јавното обвинителството со детали. Најстариот, за кој се чека вештачење и е со архивски број од 2015 година, бил оформен по пријава од Управата за финансиска полиција за злоупотреба на службената положба и овластување.
„КО бр. 208/15 отворен по пријава од УФП за кривично дело по чл. 353 (злоупотреба на службената положба и овластување) став 1 и 2 и 5 против лицето за кое покажувате интерес и други три лица. Обвинителот што постапува во предметот издал наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител сè уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година“,
известија од Обвинителството.
Три од предметите, пак, се оформени во текот на оваа година. Едниот е по кривична пријава поднесена на 25 април од повеќе здруженија на граѓани за злоупотреба на службената положба и овластувања. Во случајот постапува ОЈО Струга.
За другите два од 2023 г., од Обвинителството информираат:
„КО бр. 117/23 заведен во ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица за кривични дела по член 353 (злоупотреба на службената положба и овластување) и член 353-в (несовесно работење во служба) од Кривичниот законик, а по кој има испитани лица и редовно се постапува;
КО бр. 121/23 примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по кој се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток“.
Еден од предметите, пак, е отворен лани и во него постапува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Станува збор за случај кој е започнат по кривична пријава од група адвокати против три лица, меѓу кои и Мерко, а се однесува на ангажмани за адвокатски услуги. Случајот е во предистрага.
Шестиот предмет, пак, е по кривична пријава од 2019 година за злоупотреба на службената положба и овластувања, но и за измама. Покрај градоначалникот се опфатени и други лица, а се однесува за експропријација на земјиште. За случајот првично постапувале и ОЈО Струга и ОЈО ГОКК, но потоа двата предмети биле споени во еден. Обезбедени биле докази од судски предмети и дел од списите, но и овој сè уште се наоѓа во предистрага.
*Поврзани вести:
- Стејт департментот: Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко неподобен за влез во САД поради вмешаност во значителна корупција
- Агелер по одлуката на САД да го стават Мерко на црна листа: Ќе се бориме против секој кој го поткопува владеењето на правото
- Ковачевски: Правосудните органи ќе треба да ги испитаат наводите за Мерко и да се запрашаат како САД дознале за нив, а тие не
- Грковска очекува од правосудните органи соодветно да ги разберат пораките од САД по ставањето на Мерко на „црна листа“
- Мерко не е последен – на „црната листа“ на САД ќе се најдат имињата и на други лица од С Македонија, вели Агелер
- Судскиот совет влегува во Струшкиот суд, ќе проверува дали Мерко се мешал во судски постапки