Според ОЈО Скопје, меѓу осомничените се две службени лица вработени во управни служби за регистрација на возилата

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека се обезбедени докази и ќе поведе постапка против десет лица кои се осомничени дека учествувале во криумчарење, фалсификување исправи и службени исправи, како и прикривање стоки што се предмет на криумчарење и царинска измама.
Ова доаѓа по денешната акција на Обвинителството и Министерството за внатрешни работи против група која се сомничи дека шверцувала луксузни возила во земјава.
„Лицата во текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола. Возилата тука ги регистрирале и еден дел по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници“,
соопшти Обвинителството.
Според ОЈО Скопје, меѓу осомничените се две службени лица вработени во управни служби за регистрација на возилата.
„Еден од осомничените е државјанин на Република Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното јавно обвинителство Скопје и грчките органи, кривичниот прогон ќе биде отстапен на Република Грција“,
се вели во соопштението.
Претходно денеска Обвинителството веќе информираше дека под раководство на јавен обвинител од ОЈО Скопје од утрото се преземаат дејствија за обезбедување докази во постапка за кривични дела поврзани со криумчарење луксузни автомобили од странство.
Како што информираше Обвинителството, надлежниот јавен обвинител од судијата на претходна постапка обезбедил наредби за претрес на повеќе локации во Скопје и други градови – Битола, Неготино, Дојран и Гевгелија.
За акцијата на Фејсбук информираше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Утрово ги посетив полициските службеници во ЕВР Ѓорче Петров, каде одблиску се запознав со текот на акцијата што денеска се спроведува од страна на СВР Скопје во координација со Одделот за криминалистичка полиција. Акцијата е насочена кон сузбивање на организирана криминална група која се занимава со криумчарење на скапи моторни возила, фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба, за што утрово се вршеа претреси на повеќе локации. Продолжуваме со борба против сите облици на криминал, затоа што македонските граѓани заслужуваат да живеат во стабилна и безбедна држава“,
објави Тошковски.