Според информациите од Обвинителството, станува збор за фирми кои во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и немале објавено ценовник за рекламирањето
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција утрово влегло во три фирми кои биле сопственици на портали и одзело документација за да го провери рекламирањето на политичките партии во текот на кампањата за предвремените парламентарни избори.
Според информациите од обвинителството, станува збор за фирми кои во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и немале објавено ценовник за рекламирањето.
Наредбата за проверка е издадена откако од МВР до обвинителството стигнало известување во кое било наведено дека се сомневаат на нерегуларности за политичкото рекламирање на портали зашто биле непосредно отворени во предизборниот период и биле со мала посетеност.
Од Обвинителството засега не соопштуваат официјално кои политички партии се рекламирале на тие портали ниту, пак, кои се трите фирми на кои им било плаќано за политичкото рекламирање.
Оттаму најавуваат дека ќе прибавуваат докази и од други релевантни институции, како и дека ќе го „чешлаат“ рекламирањето на повеќе политички партии.
Според извори од акцијата, денешното одземање на документација се однесува на фирми на чии портали за реклами плаќала политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“. Според неофицијални информации, станува збор за фирмите „Глобал нет“ ДООЕЛ, „Некст левел солушнс“ ДООЕЛ и „Медиа ком“ ДООЕЛ. Меѓу порталите за кои ќе се проверува рекламирањето се: lady.mk, srekja.mk, gradina.mk, indigo.mk, visitskopje.mk, ekran.mk, biznisvesti.mk, times.com.mk.
Според истите извори, едно од сознанијата до кои дошле надлежните е тоа што на една од фирмите ѝ е исплатена фактура од околу 20 000 евра, која потоа била распределена за седум портали. Според Изборниот законик, пак, сумата што може да се исплати на еден портал и печатен медиум од еден учесник во изборите не може да биде поголема од 15 000 евра.
Покрај од фирмите, ќе се проверува и документацијата во ДИК и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. Покрај фактурите за плаќање на рекламите, ќе се проверува и документацијата за регистрирање на порталите, нивниот импресум и дали имале ценовник за рекламирање во политичката кампања.
– Платеното политички рекламирање на порталите, но и на радиодифузерите (телевизиите и радијата) и во печатените медиуми се плаќа од Буџетот. Според Изборниот законик, трошоците ги исплаќа Државната изборна комисија (ДИК) врз основа на доставена фактура од страна на медиумите, како и медија-план и извештај за реализирани услуги и од страна на политичката партија.