Претставници на МВР, по наредна на обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, денеска влегле во неколку веледрогерии за да одземат документи во врска со предмет отворен за паралелен увоз на лекови.
Информацијата ја потврдуваат и од МВР и од Обвинителството.
Од МВР наведуваат дека постапува Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и додаваат дека се вршат проверки во неколку веледрогерии.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пак, посочуваат дека станува збор за предистражни активности кои претходно не можеле да ги спроведат поради состојбата со епидемијата од ковид-19.
„По предметот се преземаат предистражни дејствија подолг временски период. Денешните активности на Министерството за внатрешни работи се резултат на претходно издадени наредби од страна на предметниот обвинител, кои, поради актуелната состојба со пандемијата досега не биле реализирани. Во случајов не станува збор за претреси, туку за вршење проверки и прибирање документација, која ќе помогне при утврдување на фактите и расветлување на случајот“,
велат од ова обвинителство.
Овој предмет по допрен глас првично го отворило Основното јавно обвинителство-Скопје, но подоцна предметот е предаден во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Ниту од МВР ниту од Обвинителството засега не споделуваат повеќе детали за случајот, но во јавноста веќе излегоа информации дека документи се одземаат од веледрогеријата „Пановски“.