Ова денеска го соопштија од Обвинителството по најавата на семејствата на загинатите дека утре ќе одржат протестен марш во Скопје на кој најавија дека ќе бараат одговори за, како што рекоа, насилната смрт на своите деца
Семејствата на жртвите од трагедијата во Кочани кои би сакале да се запознаат со сите аспекти од истражната постапка за пожарот ќе може да го посетат Јавното обвинителство за време на утрешниот протест во Скопје. Ова денеска го соопштија од Обвинителството по најавата на семејствата на загинатите дека утре ќе одржат протестен марш во Скопје на кој најавија дека ќе бараат одговори за, како што рекоа, насилната смрт на своите деца.

„Во текот на утрешниот најавен протест на семејствата на жртвите во пожарот во кочанската дискотека ‘Пулс’, Јавното обвинителство поканува на средба претставници на семејствата кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка“,
наведуваат од Јавното обвинителство на РСМ.
Блиските на загинатите ќе може да определат свои претставници – најмногу по еден член од семејство на секоја од жртвите – кои ќе остварат средба со државниот јавен обвинител и обвинителите кои постапуваат во предметите.
Семејствата на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани утре ќе организираат „Марш на ангелите“ во Скопје. Маршот ќе започне во 12:05 часот симболизирајќи ја, како што рекоа, задоцнета реакција во Скопје. Собирот ќе почне пред Јавното обвинителство, ќе продолжи на плоштадот „Македонија“ и пред Собранието.