На социјалните мрежи вчера беа објавени фотографии од 20-годишниот Васил Јованов кој смртно ја прегази младата Фросина Кулакова, во притвoрското одделение во затворот во Шуто Оризари со мобилен телефон во рацете. Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов во изјава за „360 степени“ информира дека на 20-годишникот му е одземен телефонот, а во затворот биле направени претреси
Од Основното јавно обвинителство денеска информираат дека специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ги следи информациите во врска со случувањата во затворот „Скопје“.
„Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги следи информациите во врска со случувањата во затворот ‘Скопје’ и по добивање на идентитетот на инволвираните лица ќе постапи во рамките на своите надлежности за што јавноста ќе биде навремено информирана“,
информираат од Обвинителството.
На социјалните мрежи вчера беа објавени фотографии од 20-годишниот Васил Јованов кој смртно ја прегази младата Фросина Кулакова, во притвроското одделение во затворот во Шутка со мобилен телефон во рацете.
По ова, реагираа од семејството на Фросина барајќи да се најде одговорниот што му дал телефон на Јованов.
Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов во изјава за „360 степени“, потврди дека фотографиите од Јованов се автентични и рече дека на 20-годишникот му е одземен телефонот, а во затворот биле направени претреси.
„Направени се претреси во ќелиите, најдени се и други телефони, на Јованов телефонот му е одземен. Ќе биде спроведена истрага, од снимките ќе се обидеме да утврдиме кој е виновникот, кој му го дал телефонот и тој ќе биде избркан од работа. Јованов ќе биде преместен во самица“,
ни изјави Пандов.
И директорот на затворот „Скопје“, Бобан Утковски, за „360 степени“ потврди дека во тек е истрага за случајот.