Осомничените во текот на 2021 и 2022 година со лажни документи и преправени броеви на шасија внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола. Возилата тука ги регистрирале и дел од нив по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат шверцувањето, по што ги отуѓувале на крајни корисници

За четири лица што се осомничени дека учествувале во шверцување и фалсификување исправи, јавен обвинител доставил предлог до судијата на претходна постапка за определување мерка притвор. За друго лице, пак, е поднесен предлог за мерки за претпазливост, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Едно од лицата, како што информираат од Обвинителството, не е достапен на органите на прогонот и за него притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
За едно лице од осомничените, од ОЈО велат дека веќе е распишана меѓународна потерница и по него се трага поради неговата инволвираност во друг сличен предмет со криумчарење луксузни возила кој го водел Основното јавно обвинителство Скопје.
Во постапката, од Обвинителството велат дека се опфатени уште четири лица, македонски државјани, но во моментов не се неопходни мерки за нивно обезбедување.
Единаесеттиот осомничен, кој е државјанин на Република Грција, ќе биде отстапен на грчките органи.
„Освен овие 11 осомничени, кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи опфаќа уште две лица, меѓутоа нивните дејствија се опфатени во постапката што претходно ја водеше ОЈО Скопје, па пријавите за нив ќе бидат отфрлени“,
велат од Обвинителството.
Во описот на случајот од ОЈО се вели дека осомничените во текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.
Возилата, додаваат од Обвинителството, тука ги регистрирале и дел од нив по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат шверцувањето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.
Меѓу осомничените има и службени лица за кои од ОЈО велат дека се вработени во управни служби за регистрација на возилата.
Претходно денеска од Министерството за внатрешни работи информираа дека против 12 македонски државјани и еден странец поднесена е кривична пријава поради шверцување луксузни возила, како и фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба.
Акцијата за сузбивање група осомничена за шверцување луксузни возила беше спроведена во текот на вчерашниот ден во Скопје, Битола, Неготино, Дојран и во Гевгелија.