Обвинителството реши да направи контрола откако Стејт департментот го стави струшкиот градоначалник заедно со неговото семејство на „црната листа“ на САД поради значителна вмешаност во корупција, присвојување средства и мешање во судски и во други јавни процеси

Откако пред два дена комисија, составена од четворица обвинители од републичкото обвинителство, правеше увид во предметите што се водат за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, оттаму денеска споделија информација дека некои од случаите, бидејќи се обемни и сложени, сè уште се проучуваат и анализираат. Потоа, се очекува комисијата да изготви и извештај и да даде насоки како понатаму.
„Комисијата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија задолжена да изврши вонреден надзор на заведените предмети против Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга, изврши увид во сите завршени и предмети во работа против ова лице во Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Притоа, заради обемноста на преземените дејствија и сложеноста, дел од предметите сè уште детално се проучуваат и се анализираат. По завршувањето на проверките, Комисијата ќе изготви извештај со насоки за постапувањето во конкретните предмети“,
велат од обвинителството.
Мерко и неговото семејство пред околу една недела (на 20 јуни) беа ставени на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, поради присвојување средства и мешање во судски и во други јавни процеси.
Тоа предизвика бура реакции и критики во јавноста кои во најголем дел беа насочени кон домашните институции поради непостапување, а од јавното обвинителство тогаш се огласија со став дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на Стејт департментот за негово влијание во правосудни постапки и најави контрола.
Исто така, објавија и список со активни предмети во кои има кривични пријави за Мерко – станува збор за шест случаи предмети од кои најголемиот дел се за злоупотреба на службената положба и овластувања, а биле оформени по кривични од здруженија на граѓани, адвокати, Управата за финансиска полиција … Најстариот датира од 2015 година, но сè уште не е затвор бидејќи од 2020 сè уште се чека дополнително вештачење кое треба да го направи Бирото за судски вештачења.
Сличен чекор како обвинителството, најави и Судскиот совет од каде соопштија дека ќе формираат комисија која во Основниот суд Струга ќе провери дали Мерко се мешал во постапки.
