Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција будно ги следи написите и информациите кои излегуваат во јавноста во врска со уништениот инсулин во Министерството за здравството.
Предмет не е отворен, но како што велат од обвинителството за „360 Степени“, тие ќе стапат во контакт со здравствените власти и ќе ги проверат наводите, па доколку се утврди дека има елементи за некакво кривично дело ќе се постапува понатаму.
Во меѓувреме, прозивките од опозицијата продолжија. На последната прес-конференција на оваа тема ВМРО-ДПМНЕ го повика министерот Венко Филипче јавно да одговори на нивните прашања.
„Кога точно е увезен инсулинот кој е уништен а чиј што краен рок на употреба е до 6-ти месец следната година? Дали министерот знае дека нема инсулин со рок на употреба подолг од 20 месеци и ако е така тогаш инсулинот е донесен во време на оваа власт. Второ, министерот Венко Филипче да одговори која институција проценила дека се работи за сомнителен инсулин, и поради кои објективни причини оценила така. Нека покаже документ, како што ние го покажуваме овој документ од министерството на кое се гледа дека рокот на траење на дел од инсулинот е до 6-ти месец следната година?“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски и го повика министерот за здравство, Венко Филипче да одговори.
На прес-конференцијата пред Министерството за здравство, Стоилковски праша и зошто ако министерството оценило дека има сомнителен инсулин, нема постапка за одговорност.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваа и дека целта е да се создаде вештачка криза и да се распише нов тендер кој ќе го добие фирма блиска до властите.
Министерството за здравство во своите реакции на прозивките од опозицијата, пак, посочи дека е уништен сомнителен турски инсулин од стоковните резерви набавен со паралелен увоз на лекови во време на ВМРО-ДПМНЕ.
„Нов тендер за набавка на инсулини нема, затоа што за тендерот од 2018 година веќе се склучени договорите. Количините од стоковните резерви не се никако поврзани со количините за тендер“, реагираа од Министерството.
Во прозивките кои траат неколку денови се огласија и од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ).
„СЗДМ, ја поздравува одлуката на Владата и на Министерството за здравство, за уништување на заостанатите количини на инсулини кои се чувале во Бирото за стоковни резерви, а биле набавувани со Законот за паралелен увоз. Ваквите одлуки треба да продолжат сè до уништување на последното инсулинско пенкало кое е со сомнителен квалитет од времето на паралелниот увоз. Благодарност до Министерството за здравство за тоа што конечно лицата со дијабетес 123.850 во нашата држава, можат да бидат сигурни во квалитетот на инсулините кои се набавуваат со гаранција за квалитет на истите“, соопштија од Сојузот.