ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта уништила 1,2 тони инсулин од кои половина тон биле со валиден рок, а од Министерството за здравство, пак, посочуваат дека станува збор за сомнителен инсулин набавен со паралелен увоз кога оваа партија беше на власт.
„Молкот на надлежните гласно потврдува дека употребливиот инсулин наместо кај пациентите завршил уништен на 5 декември пред два дена, иако според пазарните цени вредноста му изнесува 1,5 милиони евра. Ова само ги потврдува сомнежите дека здравствените власти, веќе набавен и платен со народни пари, инсулин со валиден рок на употреба од светски познатиот производител го уништиле за да создаде основа за распишување на нов тендер“, изјави денеска Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа потенцираше дека се сомневаат дека целта на власта е да се создаде вештачка криза која потоа ќе се менаџира со брз увоз од страна на фирма блиска до власта.
По прозивките, одговорија и од Министерството за здравство.
„Информираме дека уништувањето на инсулинот е од стоковите резерви и станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на ВМРО-ДПМНЕ, а неговото отстранување е направено со одлука на Владата на Република Северна Македонија. Нема да дозволиме нашите граѓани да користат сомнителен инсулин. Уништениот инсулин од паралелен увоз е вреден 330 илјади евра, а не еден ипол милион евра како што говорат во нивната прес-конференција“, велат од Министерството.
Оттаму ѝ порачуваат на опозицијата да ги праша пациентите дали биле задоволни од инсулините од паралелен увоз со сомнителни квалитет и потекло, но и колку се задоволни од новите оригинални инсулини.
„Воведовме три нови типови на инсулини, кои се најнова генерација на лекови. Со укинувањето на паралелниот увоз на лекови го загарантиравме квалитетот на инсулин и пациентите со дијабетес имаат најквалитетна терапија и во континуитет се снабдени со инсулин во соодветни рокови и со подобар квалитет“, наведуваат од Министерството апелирајќи до ВМРО-ДПМНЕ да не шири лажни вести.
По одговорот од здравствените власти, од опозицијата следуваше уште една реакција во која посочуваат дека власта на овој начин го признала уништувањето на инсулин кој е валиден до средината на идната година и бараат да се понесе одговор.