Од Кривичниот суд претпладнево соопштија дека судењето за „Монструм“ продолжува на 26 август откако денешното рочиште е одложено поради најавено отсуство на надлежниот јавен обвинител
Обвинителот Гаврил Бубевски, кој порано беше дел од Специјалното јавно обвинителство, е позитивен на ковид-19 поради што и денеска беше одложено рочиштето за случајот „Монструм“.
Покрај Бубевски, застапничка на обвинението за овој случај, кое своевремено го презема СЈО, е и обвинителката Фатиме Фетаи, која соопшти дека 14 дена ќе биде во самоизолација поради контакти со Бубевски, со кого присуствувала заедно на неколку судења во последните неколку седмици.
По растурањето на СЈО, Бубевски и Фетаи се вратија во матичното Основно обвинителство-Скопје, но засега нема информации дали и други обвинители оттаму ќе бидат во самоизолација.
Не се знае ниту дали во самоизолација ќе биде судијата Огнен Ставрев, кој го води процесот „Монструм“, и евентуално дел од администрацијата во Кривичниот суд-Скопје.
Од Кривичниот суд соопштија претпладнево дека судењето за „Монструм“ продолжува на 26 август годинава откако денешното рочиште е одложено поради најавено отсуство на надлежниот јавен обвинител.
„Поради интерес на медиумите и невладините организации, кои ја следат расправата за предметот со КОК бр. 66/17, во јавноста познат како „Монструм“, информираме дека поради најавено отсуство на надлежниот обвинител, расправата најавена за 06.7.2020 година се одлага. Следната главна расправа е закажана за 26.8.2020 година“,
информираа од Основниот кривичен суд -Скопје.
Предметот „Монструм“ е за петкратното убиство кај Смилковското Езеро во април 2012 година.