Обвинителството успеа да ги докаже наводите во обвинението за набавка на опрема за следење на комуникациите од Велика Британија, рече обвинителот Трајче Пеливанов во своите завршни зборови за предметот „Трезор“.
Обвинети во случајот се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет и началник на оддел во Управата, Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ и поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Јакимовски за помагање.
За набавката што се случила во 2010 година, обвинителството тврди дека наместо МВР да ја прави директно со британската фирма, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку фирмата „Финзи“ од Скопје како посредник.
Оваа фирма, наведе обвинителот Пеливанов, првично е основана од фирма регистрирана во САД, управител на почетокот бил братот на обвинетиот Стајковиќ, а потоа починатиот Коста Крпач. Како краен сопственик, пак, се јавува бизнисменот Орце Камчев, кој, како што наведе обвинителот, во тој период е во блиски релации со Мијалков.
Прилив на пари во скопската фирма доаѓал преку сметка од Кипар, потенцираше Пеливанов, а поради скриеното потекло и сопственоста на парите, „Финзи“ е дел и од истрагата „Империја“, во која инаку се осомничени и Камчев и Мијалков.
Првата деловна активност, покрај првичните трансфери на пари и основачки влогови, „Финзи“ ја имала токму со договорите за набавка на британската опрема.
Опремата е купена од британската фирма „Гама интернешнл“, со која тројца од обвинетите имале средба во Лондон.
„Оствариле средба со британската ‘Гама’, а како тема била набавката на опрема за потребите на УБК, каде што и договориле набавка. По враќањето во Република Македонија, одлучиле набавката да се реализира со ‘Финзи’“,
рече Пеливанов.
Фирмата „Финзи“ од Скопје и британската „Гама“ склучиле договор со кој „Финзи“ станува ексклузивен дистрибутер за оваа опрема, но, како што наведе обвинителот, тоа се случило пред МВР да започне постапка за набавка.
„Од каде знаеле дека МВР е заинтересирано да набави опрема од ‘Гама’? Одговорот е јасен, тоа било договорено помеѓу првите тројца обвинети“,
рече Пеливанов.
Обвинителството тврди дека откако била договорена зделката, обвинетите му наложиле на помошник-министерот за јавни набавки во МВР во тоа време, Ѓоко Поповски, кој беше сведок, да започне постапката за набавка.
Тезата со која настапува обвинителството е дека целта на ваквиот начин на набавка преку фирма посредник е да се прибави корист за фирмата „Финзи“ основана преку офшор-компанија, а на штета на државниот буџет.
Со договорите и анексите за набавка и обука за користење на опремата „Финзи“ имала корист од над 26 милиони денари, а понатаму со дополнителен договор вила направена штета со уште над 21 милион денари.
Завршните зборови на обвинителството, кое покрај Пеливанов го застапува и обвинителот Артан Ајро, се во тек. На наредното рочиште завршни зборови треба да даде и одбраната.
Првото судско рочиште за овој предмет беше закажано за 5 февруари 2018 година.
Тројца од обвинетите во овој предмет седеа на обвинителна клупа и за предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување во земјата и на уништување на опремата за прислушување во УБК со цел скривање на доказите. На 26 февруари Основниот кривичен суд изрече пресуда во тој предмет, која сè уште не е правосилна, а со која Сашо Мијалков доби 12 години затвор, Горан Грујевски 15, а Тони Јакимовски 6.