Можноста обвинителите на СЈО да се „вдомат“ во обвинителството на Вилма Русковска е првата забелешка која стигна од опозицијата за владиниот предлог-закон за јавно обвинителство. Во текстот на ниту едно место конкретно не се споменува преминување на тие обвинители, но се предвидува распишување оглас за проширување на тимот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција
Власта и опозицијата наредната недела ќе седнат на преговарачка маса за законот за јавно обвинителство, а преговорите ќе се одвиваат врз основа на трета верзија на предлог-законот, која во декември била испратена од Владата до ВМРО-ДПМНЕ.
„Последната, трета верзија, беше пуштена во декември минатата година и таа верзија ќе биде тема на разговор со опозицијата. Во собраниска процедура сè уште е втората верзија на законот на која опозицијата поднесе амандмани и таа ќе биде повлечена кога ќе бидат обезбедени осумдесет гласа за усвојување на нов текст на законот за јавно обвинителство“,
велат од Министерството за правда.
Прашањето се врати на дневен ред на политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата по посетата на еврокомесарот Оливер Вархеји, кој рече дека донесување закон за ЈО е приоритет за земјава и дека очекува тоа да го направи сегашниот парламентарен состав.
Од опозицијата, пак, веќе испратија сигнали за можен договор, но ги дадоа и првичните забелешки. Антонијо Милошоски, кој е дел од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, забележа дека од она што тој можел да го види во преодните и завршни одредби на владиниот предлог, повторно се остава простор за тимот на СЈО да биде „вдомен“, на некој начин, во тимот на обвинителката Вилма Русковска.
Што предвидува верзијата на власта за тимот и предметите на СЈО?
Во текстот на предлог-законот од декември 2019 година, во кој „360 степени“ имаше увид, а за кој од министерството за правда велат дека ќе биде тема на преговори, се предвидува Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ги преземе надлежностите на СЈО, а обвинителите што беа во тимот на Катица Јанева да продолжат да ги застапуваат предметите што ги воделе во СЈО, а неодамна ги презеде редовното обвинителство.
Ова сценарио е предвидено во членот 108.

Прашањето за предметите во пракса е веќе решено бидејќи, откако Љубомир Јовески ги презеде предметите, овластувањата за постапување им ги додели на истите обвинители.
Меѓутоа, забелешката што ја истакна Милошоски се однесува на тоа дека се остава простор тимот од СЈО да премине кај Вилма Русковска која раководи со Обвинителството за гонење организиран криминал.
Овие обвинители во моментов работат во обвинителствата каде што работеа пред формирањето на СЈО, со одлука на Советот на јавни обвинители. Во предлог-текстот на законот, кој е подготвен во декември, никаде во преодните и завршните одредби не се споменува дека обвинителите од тимот на Катица Јанева ќе се преселат во обвинителството на Русковска. Но, се предвидува во рок од 30 дена од влегувањето во сила на законот, Советот на јавни обвинители да донесе одлука за зголемување на бројот на обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а потоа во рок од 15 дена да распише и оглас.

Шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, според истата верзија, го избира Советот на јавни обвинители. Ова тело ги избира и обвинителите што ќе работат во тоа обвинителство, а како услов е предвидено „непрекинат работен стаж од најмалку 4 години како јавен обвинител до моментот на пријавување за именување” и “позитивна оценка во последните две години“. Критериумите за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, пак, се малку повисоки – потребни се шест години искуство и позитивна оценка во последните три години. Вилма Русковска, според преодните и завршните одредби, ќе остане шефица на ова обвинителство до истекот на мандатот.
Можноста обвинителите од СЈО да бидат дел од обвнителството за гонење организиран криминал засега е единствената јавно дадена забелешка од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ, пак, засега има воздржаност на оваа тема. Пратеничката Снежана Калеска-Ванчева денеска рече дека не би сакала да коментира пред за законот да се разговара и да се изјасни опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Бомбите кај Јовески – ќе се уништуваат три години по правосилност на пресуда
Според предлогот на власта, аудиоснимките од прислушуваните разговори, познати во јавноста како „бомби“, ќе се чуваат во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Обврската за чување на овие материјали ќе биде три години од правосилноста на пресудите, а за уништувањето ќе треба да се направи записник и тој да се достави до јавниот обвинител на РСМ – позиција на која во моментов се наоѓа Љубомир Јовески.
Избор на државниот обвинител
Во верзијата на предлог-законот од декември начинот на избор на државниот јавен обвинител е ист како и досега. Постапката започнува со распишување оглас од Собранието. За пријавените кандидати на огласот Советот на јавни обвинители дава позитивно или негативно мислење, а Владата од кандидатите за кои има позитивно мислење предлага еден до Собранието. Ако за ниту еден нема „зелено светло“ од Советот, тогаш огласот се повторува. Овој начин е пропишан во членот 64 од предлог-законот.
Кога станува збор за разрешувањето, како и досега, предвидено е тоа да го прави Собранието.
„Владата на Република Северна Македонија, по претходно мислење од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, до Собранието на Република Северна Македонија поднесува предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Северна Македонија“,
пишува во став 1, член 88.
Понатаму, во став 3 од истиот член се вели и дека иницијатива може да покрене и Советот и во неа да ги образложи причините, околностите и фактите.
Во случај Владата да сака да иницира разрешување, во останатите ставови од овој закон се предвидува дека предлогот се доставува на мислење до Советот, кое овој орган треба да го даде во рок од 15 дена, а може да биде позитивно или негативно.
„Ако Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата на Република Северна Македонија, рокот од ставот (4) на овој член се продолжува за уште 15 дена. Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на Република Северна Македонија“,
пишува во предлог-верзијата на власта.
Евентуално негативно мислење од Советот не е основа за прекинување на постапката за разрешување иницирана од Владата. Независно какво е, мислењето од Советот заедно со предлогот на Владата се доставуваат во парламентот, кој ја носи конечната одлука.
