Откако денеска се утврдија предлозите, сега членовите и заменик-членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањето ќе треба да ги добијат и да ги разгледаат нивните биографии, по што на комисиска седница ќе дискутираат за секој од кандидатите поединечно. Од предлозите, Комисијата ќе треба да утврди кандидати што ќе ги испрати на пленарна седница, каде што за избор ќе биде потребно мнозинство од 61 пратеник
Тројца обвинители, двајца актуелни судии и еден поранешен, поранешен и актуелна универзитетска професорка и една правничка се предлозите за идни уставни судии од кои би требало да се изберат тројца што ќе ги пополнат испразнетите места во Уставниот суд.
Од имињата, три доаѓаат како предлог на владејачкото мнозинство и станува збор за: државниот обвинител Љубомир Јовески; судијата Фатмир Скендер од Апелацискиот суд Скопје кој пред да биде избран за судија (во 2013 година) работел во Општина Центар Жупа; и правничката Татјана Васиќ, која била советник во неколку институции како што се министерствата за правда и здравство.
- На повидок ли е смена на обвинителскиот врв: Јовески повтори дека би заминал за уставен судија
- Русковска ќе размисли дали да се пријави за државен обвинител ако Јовески стане уставен судија
Преостанатите шестмина предлози, пак, се предлози од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу нив има двајца обвинители: Тодор Витларов, кој е шеф на Вишото јавно обвинителство Штип и Воислав Димоски, кој е актуелен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид. На предлог на опозицијата се и пензионираниот универзитетски професор од Правниот факултет во Скопје, Саво Климоски, кој е и поранешен пратеник и претседател на Собранието, како и уште една професорка од Правниот факултет, Родна Живковска. Другите две имиња кои се предлог на ВМРО-ДПМНЕ се управната судијка од Битола, Весна Јовановска и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.
Откако денеска се утврдија предлозите, сега членовите и заменик-членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањето ќе треба да ги добијат и разгледаат биографиите, по што на комисиска седница ќе дискутираат за секој од кандидатите поединечно. Од предлозите, Комисијата ќе треба да утврди кандидати кои ќе ги испрати на пленарна седница, каде за избор ќе биде потребно мнозинство од 61 пратеник.
Со оваа постапка треба да се изберат тројца судии што ќе ги пополнат местата на поранешните уставни судии (Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски) чиј мандат заврши на крајот на мај лани.
Седницата за утврдување на предлозите беше закажана уште во јуни лани и нејзиниот почеток помина во тензична атмосфера по што беше прекината. Откако неколку месеци не можеа да се утврдат предлози, Комисијата за прашања на изборите и именувањата во меѓувреме претрпе и измени во составот. Нејзиниот поранешен претседател, Костадин Костадинов, на локалните избори во октомври 2021 година стана градоначалник на Струмица и го напушти парламентот. Дојде и до прекројување на мнозинството откако по истите избори Беса одлучи да излезе од мнозинството и да премине во опозиција. Одреден период се водеше и полемика дали нејзиниот пратеник Фадил Зендели треба да биде член на оваа комисија. На 3 март годинава модифицираното мнозинство, кое беше на став дека пратеникот не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција, успеа да го разреши Зендели. На пленарна седница на 16 март конечно се комплетираше составот на Комисијата кога Марија Георгиевска од СДСМ беше избрана за нова претседателка на местото на Костадинов, а нејзиниот сопартиец Дарко Каевски беше избран за нов член на местото на Зендели.
Пратениците во иднина ќе треба да изберат уште еден судија затоа што во меѓувреме му истече деветгодишниот мандат и на судијата Јован Јосифовски кој го напушти Уставен на крајот на јануари годинава.
Со истекот на мандатот на Јосифовски, Уставниот суд остана само со пет од вкупно предвидените девет судии со што се доведе на работ на кворум за одржување седници, додека досега повеќепати се соочи со пречки да носи одлуки за точките кои се дневен ред на седниците, со оглед дека му е потребно мнозинство од вкупно деветте предвидени гласови. Неколкупати преку соопштенија и изјави на претседателката, судијката Добрила Кацарска, оттаму алармираа дека состојбата е сериозна и бараа пратениците да ги пополнат испразнетите места.