Косовскиот претседател Хашим Тачи побара од пратениците во републичкото собрание да не гласаат за одземање на мандатот на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, и покрај тоа што пред тој суд се покренати обвиненија против него и против други основачи и водачи на некогашната Ослободителна војска на Косово (ОВК), јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното видеообраќање до јавноста преку својата страница на Фејсбук, Тачи порача: „Судовите формирани од меѓународната заедница за да ја судат борбата на ОВК се неправедни“, но го повика собранието да го продолжи мандатот на сегашниот трибунал, чие седиште е во Хаг, сè додека не стаса известување за прекин на мандатот од страна на Советот на Европската Унија.
Обраќањето на косовскиот претседател уследи по иницијативата на Здружението на воени ветерани на ОВК за одземање на мандатот на Меѓународниот трибунал, во косовската јавност познат како „Суд за ОВК“. Овој суд, чиј официјален назив е Специјализирани комори за Косово, беше основан пред пет години од страна на косовското собрание под притисок од САД и другите сојузници на Косово. Премиер во тоа време беше токму Тачи.
Во Хаг на 2 и 3 септември е повикан и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но од Специјалното обвинителство не откриваат во кое својство тој е повикан да дава исказ.