Основното јавно обвинителство-Скопје до Основниот кривичен суд-Скопје поднесе обвинителен предлог против брат и сестра од Скопје, кои на 20 јануари годинава извршиле напад врз полицаец.
Обвинетиот 21-годишник и неговата 22-годишна сестра, како соизвршители, на 20 јануари во вечерните часови нападнале и повредиле службено лице – полицаец кој извршувал работни задачи врз основа на наредба на подрачјето на полициските станици Бит-пазар и Чаир.
Како што информира ОЈО, полицискиот службеник, заедно со уште еден негов колега, се обидел да го легитимира обвинетиот, кој им кажал дека нема лични документи со себе и започнал вербална расправија со нив.
„Кога му било кажано дека ќе биде приведен во полициска станица со цел утврдување на неговиот идентитет, обвинетиот започнал да дава активен отпор и се дал во бегство. Кога полицаецот го стигнал и го совладал, обвинетата се обидела да му помогне на својот брат, па му задала неколку удари и гребаници на полицискиот службеник. Во тој момент и обвинетиот повторно започнал да го удира полицаецот со тупаници по главата и градите, нанесувајќи му телесни повреди“,
се вели во соопштението од ОЈО.
Двете лица се товарат за кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.