Од Обвинителството велат дека до Основниот суд во Штип доставен е предлог за продолжување на притворот
За 33-годишник од Штип, на кој на почетокот на ноември му беше определен 30-дневен притвор бидејќи со умисла до смрт ја претепал својата 29-годишна вонбрачна партнерка, денеска од Основното јавно обвинителство Штип поднесен е обвинителен акт.
Од Обвинителството велат дека до Основниот суд во Штип доставен е предлог за продолжување на притворот.
Во текот на истрагата, велат од Обвинителството, биле обезбедени докази дека обвинетиот на 1 ноември, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка.
„Откако се договориле и се сретнале пред нејзиниот дом, заедно отишле во напуштен објект на ЈП ’Исар’ за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска. Разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници“,
се вели во соопштението од Обвинителство.
Кога жената паднала на подот, додаваат од Обвинителство, тој започнал силно да ја стега во пределот на вратот додека не дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што жената починала.
Кога се уверил дека не дава знаци на живот тој го напуштил местото и сам се пријавил во полициска станица.
Од Обвинителството велат дека истрагата за обвинетиот се спроведувала за кривично дело убиство согласно член 123 од Кривичниот законик.