Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја осуди праксата за судски прогон на новинари во Русија, велејќи дека новинарите не смеат да бидат казнувани за извршување на својата должност, но и дека притворот не треба да се користи како неправеден притисок врз медиумските работници.
Претставникот на ОБСЕ, Тереза Рибеиро, кажа дека континуираните и административни тужби против новинарите во Русија резултирале со пад на индексот за слобода на медиумите како и за пристапот до информации.
„Во текот на изминатите неколку недели, посветив внимание на значителен број нови судски прогони.. Овие случаи често се однесуваат на наводното ширење лажни информации за руските вооружени сили, што е казниво според новиот закон донесен по руската инвазија на Украина”,
кажа Рибеиро.
Осудата доаѓа откако поранешната продуцентка на првиот руски канал, Марина Овсјаникова, беше обвинета за „ширење лажни информации за руските вооружени сили“ и се соочува со затворска казна до десет години поради протестот со учество на еден човек, што го организираше пред Кремљ на 15 јули.
„Обвинението за ширење „лажни информации“ во врска со руската инвазија на Украина се инструментализира за да се замолчат неистомислениците”,
вели Рибеиро.
ОБСЕ известува дека административните казни сè уште се користат за финансиски поткопување на медиумите и новинарите, а властите ја казниле Новаја Газета за „злоупотреба на слободата на медиумите“ и се заканиле дека ќе ја суспендираат нејзината регистрација како печатено и дигитално издание.
Новинарката на Life.ru, Александра Бајаситова, пак, е ставена во истражен затвор и обвинета за „изнуда заради стекнување имот“ и се соочува со казна затвор до 15 години доколку биде прогласена за виновна.
„Новинарите не смеат да бидат казнети за вршење на нивните професионални должности и притворот да не се користи за неправеден притисок врз медиумските работници. Прекршувајќи ги обврските на ОБСЕ, руските власти не дозволуваат пристап на своите граѓани до основните информации и создаваат атмосфера на страв и репресија”,
кажа Рибеиро.