Тоа значи дека Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа-Кузмановска и Енѓулуше Кадриу-Леши ќе продолжат да работат во тимот на Русковска
Ќе ги поддржам досегашните обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, не само затоа што имаат позитивни оценки и соодветни бодови туку и од увидот во нивната работа се утврдува дека станува збор за професионални обвинители кои со успех ги извршуваат работите, рече државниот обвинител Љубомир Јовески со кого се согласија повеќето членови на Советот
Претседателот на Советот, Јолевски, пак, порача дека обвинителите што гонат организиран криминал и корупција многу се „трошат“ со оглед на тежината на работата и затоа, според него, во иднина треба да се размислува и за внесување нови и помлади кадри во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Советот на јавни обвинители ги реизбра истите пет обвинители да продолжат да работат во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска.
Тоа значи дека Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши ќе продолжат да работат во тимот на Русковска.
Од десетте члена на Советот, тие добија речиси едногласна поддршка.
Трајчева и Беслимовска добија 10 гласа „за”, а Ѓоргева, Мирческа-Кузмановска и Кадриу-Леши добија по девет гласа „за”.
Кога беше гласањето за Ѓоргева, членот на Советот, Коле Штерјев, се иззеде и излезе од салата со оглед дека таа му е роднина по трето колено. Мирческа-Кузмановска, пак, доби само еден глас против од претседателот на Советот, Антонио Јолевски. Тој гласаше „воздржан“ и за Кадриу-Леши.
Други обвинители што конкурираа и не добија мнозинство гласови се: Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова и Арсим Адеми. Биковски, Јосифоска и Адеми добија по три гласа „за“, а Сарамандова пет „за“.
Конкурираше и обвинителката Имран Османи, но таа добила негативна оцена од Вишото обвинителство поради што ме ги исполнуваше условите.
Деветте кандидати што добија позитивни оценки ги имаа следните бодови во оценувањето:
- Ивана Трајчева – 25 бода (максимални);
- Марија Ѓоргева – 24 бода;
- Валентина Беслимовска – 18;
- Сузана Мирческа–Кузмановска – 18;
- Енѓулуше Кадриу–Леши – 24;
- Златко Биковски – 25;
- Елизабета Јосифовска – 24;
- Наташа Сарамандова – 25;
- Арсим Адеми – 25 бода.
Кандидатите кои беа дел од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и беа реизбрани ги оценуваше шефица на ова обвинителство Вилма Русковска, додека за другите оценувањето го вршеа вишите обвинителства, во зависност од кое регионално основно обвинителство беа кандидатите.
Пред гласањето, дел од членовите и претседателот на Советот, Антонио Јолевски, констатираа дека обвинителите кои конкурираа за реизбор биле по втор пат оценувани зашто во оценките од Русковска имало исти коментари, а различни бодови. Во првото оценување, на пример, обвинителката Бислимовска добила негативна оцена од Русковска што ја исфрла од играта за нов мандат, меѓутоа откако таа приговарала Советот ги прифатил приговорите и при повторното оценување таа добила позитивна оцена со 18 бода.
Кога одговараше на коментари од новинарите дека ги коригирале бодовите, како што е случајот со Бислимоска, Јолевски рече дека морале да ѝ вратат поени на оваа обвинителка бидејќи против нема немало постапка пред етичкиот совет, а Русковска кратела бодови за етичност и углед.
„Ги коригиравме зошто немаше образложение. Коментарот за сите беше препишан. Немаше образложение зошто се крати на углед и етичност кога не се води постапка. Во правилникот вели дека ако нема постапка, се доделуваат тие бодови, ние моравме да ги вратиме“,
рече Јолевски.
Новинарите го прашаа и дали е во ред да се избираат истите обвинители ако во извештаи како држава сме критикувани дека не водиме борба против корупција.
„Јас споменав дека овие обвинителки претежно се со еден мандат и во овој мандат не можеме да речеме дека нешто не покажале“,
рече Јолевски.
А на констатацијата дека новинарите во судница за коруптивни предмети немаат видено ниту една од овие обвинителки, освен Ивана Трајчева, претседателот на Советот рече дека не знае што да каже зошто тие како членови не одат во судови за да знаат кои точно предмети ги застапуваат, туку тоа го гледаат од извештаите, оценките итн.
Пред два, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе биде задоволна ако ги изберат истите обвинители, Вилма Русковска рече дека не би имала ништо против.
Зошто Советот ги избра истите обвинители?
За разлика од минатогодишниот избор кога членовите на Советот беа критикувани во јавноста дека без дискусија само гласале и избрале обвинители за гонење организиран криминал и корупција, денеска дел од нив се обидоа да објаснат зошто им даваат поддршка за реизбор на истите обвинители.
Прв со објаснување се јави државниот обвинител Љубомир Јовески, кој е член на советот по функција.
„Да не земам збор за секој обвинител посебно кога ќе се гласа, сакам да кажам дека ќе ги поддржам досегашните обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, не само затоа што имаат позитивни оценки и соодветни бодови, туку и од увидот во нивната работа се утврдува дека станува збор за професионални обвинители кои со успех ги извршуваат работите“,
рече Јовески.
Тој меѓу причините го наведе и тоа што евентуален нивен неизбор за нов мандат ќе значи пролонгирање на веќе започнатите постапки, како и тоа што тие веќе зад себе имаат многубројни обуки.
На пример, обвинителката Марија Ѓоргева, наведуваше обвинителот, имала повеќе обуки за економски криминал и перење пари, а е и обучувач на други обвинители. Бислимовска, пак, наведе обвинителот, посетувала исто така обука за економски криминал, како и за привремено обезбедување и заплена на имот итн. За Трајчева, пак, рече дека зад себе има обуки за борба против финансирање и справување со тероризам, подигање на свеста за радикализмот, даночно затајување, перење пари … Поддршката за обвинителката Мирческа-Кузмановска, Јовески ја образложи и со тоа што учествувала на семинари за перење пари и крипто-валути, за финансиски истраги, а била дел од повеќе работни групи за изработка на закони, како што е Законот за кривична постапка.
Дека се на иста линија со размислувањата посочија и други членови на Советот.
„Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција постапува по обемни предмети со обемен доказен материјал кој треба да се проучува и потребно е повеќе време за тоа. Ако се има предвид дека по поднесување обвинение главните расправи одземаат време, очигледно е дека на обвинителите им треба е потребно повеќе време. Од овие причини ќе им дадам поддршка на тие обвинители кои веќе беа дел од ова обвинителство“,
рече членот Љупчо Ивановски.
И Фиданка Рајевска по објаснувањето рече дека генерално нејзиниот став е дека нема објективни и реални причини да не се поддржат истите обвинители. Иџет Мемети, исто така, кажа дека е склон кон размислувањата на државниот обвинител Љубомир Јовески со оглед дека тој по надлежност има увид во работата на обвинителите.
Претседателот на Советот, Антонио Јолевски, кој во гласањето беше речиси на иста фреквенција со останатите членови, на седницата нагласи дека можеби во иднина треба да почне да размислуваат и за внесување нови и млади кадри во тоа обвинителство со оглед дека работата во гонење организиран криминал и корупција е исцрпна и знае да ги „истроши“ обвинителите.
„Ако законодавецот сметал дека треба да бидат постојано таму, ќе им дал траен мандат. Да имаме предвид, па во иднина да гледаме кој обвинител повеќе за задржал во тоа обвинителството бидејќи многу се трошат, па да внесеме и нови помлади кадри“,
рече Јолевски.
Кои се обвинители што продолжуваат да гонат организиран криминал
Од обвинителките кои останаа во тимот на Русковска, најзастапена во јавноста е Ивана Трајчева со оглед на предметите што таа ги води.
Трајчева ја водеше истрагата и го застапува предметот „Софтвери“ против поранешниот генерален секретар Драги Рашковски и уште шест други лица. Меѓу попознатите предмети во јавноста, таа настапува како обвинителка и во случајот „Меѓународен сојуз“ против Бојан Јовановски – Боки 13, Јасна Ерцеговиќ, Фросина Ременски, Христина Блажевска и Миле Јовановски, а често во судница ги застапуваше и случаите за настаните од 27 април 2017 година во Собранието, како и предметот „Шпански скали“.
Ова ќе биде нејзин втор мандат во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Првиот ѝ започна на 21 јануари 2018, а заврши на истиот датум оваа година. Претходно, од 2013 до 2018 таа работеше во ОЈО Скопје.
Валентина Беслимовска, пак, е обвинителката која го застапуваше случајот „Поткуп“ против поранешниот премиер Зоран Заев, како еден од најпознатите предмети со кои беше присутна во јавноста изминатите години. Беслимовска на судењето пред околу четири години рече дека во истрагата и од исказот на главниот сведок, било утврдено дека Заев не зел пари од струмичкиот бизнисмен, па направи преквалификација – наместо за примање поткуп, побара тогашниот премиер да биде осуден за барање поткуп. Промената на обвинението предвидуваше и помала затворска казна, но и снимките од ПИ-мерките да не се изведуваат како докази. Исто така, од тие причини судечкиот совет во кој беа судиите Дарко Тодоровски и Добрила Кацарска со тројца поротници, се намали, па Тодоровски сам ја донесе пресудата која беше ослободителна.
И Беслимовска исто како Трајчева, помина четири години во обвинителството што сега го предводи Русковска, а претходно од 2009 до 2018 беше во скопското обвинителство.
Исто како и претходни две нејзини колешки, и Марија Ѓоргева стана дел од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во 2018. За неа се пишуваше во медиумите токму тогаш кога првпат беше избрана со оглед дека е роднина на Коле Штериев, кој тогаш беше претседател на Советот на јавни обвинители. За разлика од денеска кога Штериев излезе од салата кога се гласаше за неа, пред четири години од истите причини тој гласаше „воздржано“. Ѓоргева беше и меѓу првичниот тим што го избра Катица Јанева во СЈО, но по само неколку месеци Јанева им се „заблагодари“ и на неа и на обвинителката Лејла Кадриу.
Мирчевска-Кузмановска, пак, има најдолг стаж и работела во скопското обвинителство од 1997 до 2012 година. Од 2012 па се до денес е дел од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Енгљуше Кадриу-Леши од 2007 до 2010 работела како волонтер во ОЈО Скопје, потоа како соработник во Академијата за судии и јавни обвинители, а од 2010 повторно се враќа во обвинителството.
Поддршка не добија обвинителот што се спогоди со Кичеец за сообраќајката, заменичката на Катица Јанева во СЈО…
Од четворицата кандидати кои имаа позитивни оценки изминатите најголемо внимание во јавноста предизвика гостиварскиот обвинител Арсим Адеми Арсим Адеми. Тој е обвинителот кој ја договори спогодбата со Зоран Милески – Кичеец за сообраќајката со смртни последици што се случи во септември минатата година на патот Гостивар-Кичево. Спогодбата беше шест месеци затвор. Кичеец, познат од случајот „Рекет“ каде призна вина, сообраќајката ја направи додека беше на отпуст од издржување на затворската казна во затворот во Струга, која дотогаш ја издржуваше во одделението од отворен тип. За обвинителот Адеми, од Антикорупциската комисија обелоденија дека имаат отворено три предмети, меѓу кои и за спогодбата за сообраќајката. Во неговата биографија стои дека бил претседател на сојузот на студенти на тетовскиот универзитет, учествувал на повеќе од 50 обуки…
Од Гостивар конкурираше и Елизабета Јосифоска. Таа е актуелна обвинителка во гостиварското обвинителство, а е позната во јавноста по тоа што беше дел од тимот во СЈО, каде ѝ беше заменичка на Катица Јанева.
Меѓу кандидатите кои не добија поддршка е и обвинителот од Берово, Златко Биковски, кој претходно беше в.д. шеф токму на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, откако Јован Илиевски кој беше на позицијата замина како судија во Стразбур. Тој е познат во јавноста по тоа што го водеше случајот „Пуч“, а беше и еден од обвинителите против кого се водеше дисциплинска постапка за непостапување откако се случи упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Тој во 2019 конкурираше да биде член и на Антикорупциската комисија.
Наташа Сарамандова, пак, е обвинителка во ОЈО Скопје каде работи од 2014 година. Претходно била стручен соработник во Основниот суд Скопје 1.