Денеска времето во земјава ќе биде облачно и студено со врнежи од снег, а само во некои пониски места врнежите ќе бидат од дожд и снег, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Врнежите, како што информираат оттаму, ќе бидат пообилни во јужните и источните делови. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми, а нова ќе се формира и во некои од пониските места. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се движи во интервал од минус еден до три Целзиусови степени, а максималната ќе достигне од нула до четири степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно и студено со врнежи кои во попладневните часови и во текот на ноќта кон петок повремено ќе преминуваат во снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до два, а максималната ќе достигне до три Целзиусови степени.
Во петок попладне и во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер и ќе има врнежи претежно од снег со послаб интензитет.