Во тестаментот со датум од 29 јуни 2022 година, папата Франциск бара да биде погребан надвор од Ватикан, во папската базилика Санта Марија Маџоре во Рим
По објавата за причината за смртта на папата Франциск, Ватикан го објави и неговиот последен тестамент.

Во документот со датум од 29 јуни 2022 година, папата Франциск изразува желба за местото на кое ќе биде погребан со оглед на тоа што, како што пишува, чувствува оти се приближува крајот на неговиот земен живот.
Тој бара да биде погребан надвор од Ватикан, во папската базилика Санта Марија Маџоре во Рим.
„Секогаш го доверував животот и свештеничката и епископска служба на мајката на нашиот Господ, Пресвета Марија. Затоа, во очекување на денот на воскресението, молам моите посмртни останки да почиваат во папската базилика Санта Марија Маџоре. Посакувам моето последно земно патување да заврши токму во ова древно маријанско светилиште каде што одев на молитва на почетокот и на крајот од секое апостолско патување, доверувајќи ѝ ги моите намери на Безгрешната Мајка, благодарејќи ѝ на нејзината кротка и мајчинска грижа“,
се наведува во тестаментот на папата Франциск.
Папата бара неговата гробница да биде во земја, да е едноставна, без посебна декорација и со натпис – Franciscus.
Во тестаментот објавен од Ватикан, папата наведува дека трошоците за подготовката на неговиот погреб ќе бидат покриени од сумата која ја обезбедил добротвор, а која е договорено да биде префрлена во папската базилика Санта Марија Маџоре. Потребните насоки, како што додава, ги споделил со кардиналот Роландас Макрицкас.
„Нека Господ им ја даде заслужената награда на оние што ме сакаа и ќе продолжат да се молат за мене. Страдањето што го одбележа последниот период од мојот живот го принесувам на Господа за мир во светот и за братство меѓу народите“,
додава папата Франциск во тестаментот.
Папата Франциск почина утринава во 7:35 часот на 88-годишна возраст. Причината за неговата смрт, како што објави Ватикан, се мозочен удар и срцева слабост.