Владата објави јавен повик за организирање чартер-лет за враќање на македонски граѓани од Малта и Загреб. Крајниот рок за организирање на летовите треба да биде 27 март (петок) до 12 часот.
„Право на учество има секоја авиокомпанија или туристичка агенција која ќе организира чартер-летови од градовите во Европа до Република Северна Македонија. Критериум за избор на најповолен понудувач е најниска цена. Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор. Јавниот повик ќе трае 12 часа од моментот на неговото објавување на веб-страницата на Владата на Република Северна Македонија, односно понудите да се достават најдоцна до 25.3.2020 година до 22 часот“, се вели во повикот.
Вкупно 148 македонски граѓани кои се во Малта се пријавиле дека сакаат да се вратат дома, а 226 граѓани се пријавени во Загреб.
„Тие при влез во авионот ќе потпишат договор помеѓу нив и Владата на Република Северна Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија и ќе пополнат изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена. Лицата ќе бидат преземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин“, соопштија од Владата.