Осомничениот на 10 декември, во скопското село Мирковци, отишол до домот на оштетениот каде што пред вратата извадил пиштол и испукал еден куршум кон жртвата, но не успеал да го погоди
Триесетдневен притвор е определен за 37-годишник кој се обидел да убие едно лице, информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Осомничениот на 10 декември, во скопското село Мирковци, отишол до домот на оштетениот каде што пред вратата извадил пиштол и испукал еден куршум кон жртвата, но не успеал да го погоди.
„Куршумот завршил во ѕидот веднаш до рамката од влезната врата, во висина на градите на оштетениот, кој веднаш кога го забележал пиштолот се повлекол во внатрешноста на куќата и ја затворил влезната врата која автоматски се заклучува“,
велат од Обвинителство во описот на случајот.
Осомничениот потоа почнал да тропа и удира со нога на затворената влезна врата, па откако не успеал да влезе во куќата, побегнал од местото заедно со лицето за кое од Обвинителство велат дека постои сомнение дека му помагало по сторувањето на кривичното дело да не биде откриен.
Мотивот, како што додаваат од Обвинителство, му била претходна меѓусебна нетрпеливост поради нерасчистени должничко-доверителски односи.