Обдукцијата која ја побара семејството на афроамериканецот Џорџ Флојд, покажала дека тој починал од задушување поради притисок врз неговиот грб и вратот, објавија американските медиуми.
Смртта на афроамериканецот Флојд, предизвика големи протести низ цела Америка, а демонстрантите го изразуваат своето незадоволство од полицијата. Флојд почина, откако полицаецот Дерек Шовин клечеше врз неговиот врат и ги игнорираше неговите повици за помош. Уште тројца полицајци кои присуствуваа на акцијата, не презедоа ништо.
Целата ситуација беше снимена од двајца сведоци со мобилен телефон, а снимките постојано се споделуваат на социјалните мрежи, со цел да се подигне свеста за полициската бруталност.
Лекарите кои извршиле обдукција на Афроамериканец, чија смрт за време на полициската операција во Минеаполис предизвика протести низ САД, соопштија дека станува збор за убиство.
Обдукцијата, исто така, покажала дека притисокот го прекинал протокот на крв во мозокот на Флојд, а тежината врз грбот го оневозможувала дишењето, додаваат американските медиуми.
Еден од докторите кои ја извршиле обдукцијата, на прес-конференција изјави дека Флојд претходно немал здравствени проблеми што би придонеле за неговата смрт.
Протестите од Минеаполис се проширија и во Њујорк, Лос Анџелес и останатите делови ширум САД. Во последниве два дена протестите излегоа од контрола и станаа насилни.