„Паралелно се вршат и обдукција и ДНК-анализи. Собрани се ДНК-материјали за споредба од роднините на починатите. Очекуваме брзо да се заврши работата“, изјави директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика Александар Станков
Обдукцијата и идентификацијата на 59 загинати во пожарот во Кочани сè уште е во тек, информира директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика Александар Станков. Постапката, како што рече, ќе биде завршена кога ќе завршат обдукцијата и идентификацијата на сите тела.

Станков додаде дека идентификацијата на жртвите не се извршува само со обдукција, туку и со ДНК-анализи.
„Станува збор за два паралелни процеса. Работиме со планирано темпо. Паралелно се вршат и обдукција и ДНК-анализи. Собрани се ДНК-материјали за споредба од роднините на починатите. Очекуваме брзо да се заврши работата. Не може точно да се каже кога, приоритет ни е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на луѓето, за роднините да може телата да си ги подигнат“,
изјави директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика за МИА.
Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 150 повредени се згрижени во болниците во земјава и во странство.