Американското Министерство за финансии во петокот објави дека ќе санкционира повеќе од 200 субјекти кои работат во рускиот енергетски сектор, вклучувајќи ја и нафтената индустрија на Србија (НИС)

Работата на Српската нафтена индустрија (НИС), која е дел од новиот пакет американски санкции за рускиот енергетски сектор, е прифатлива само доколку рускиот сопственички удел во НИС е нула, изјави помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’ Брајан.
Американското Министерство за финансии во петокот објави дека ќе санкционира повеќе од 200 субјекти кои работат во рускиот енергетски сектор, вклучувајќи ја и нафтената индустрија на Србија (НИС).
По вчерашната средба во Белград со американскиот заменик-државен секретар за управување и ресурси, Ричард Верма, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека Америка нема намера да ја погоди Србија со санкциите, ниту само НИС, туку дека ова е сеопфатен напад врз руските компании и сите поврзани компании, вклучително и НИС.
О’Брајан изјави за РТС дека единствениот услов за Вашингтон е „да нема одлив на пари од НИС во Русија“.
„Не сакаме Русија да управува со таа клучна компанија во Србија. Значи, единствениот начин ризикот да биде нула е уделот на руската сопственост да биде нула. Тоа е позицијата со која влегуваме во овој разговор“,
изјави О’Брајан.
Според него, крајниот исход треба да биде „конструктивна и силна сопственост“ на НИС од корист за Србија.
Коментирајќи го воведувањето санкции од Вашингтон, О’Брајан рече дека САД „тоа не ѝ го прават на Србија“, туку дека воведуваат санкции за повеќе од 300 руски компании, а некои се однесуваат на танкери што транспортираат руска нафта, како и компании кои имаат корист од глобалната енергетска трговија на Русија.
„Русија го купи НИС за многу мала сума и сега извлекува повеќе пари од Србија отколку што може да потроши во Украина. Сакаме овој проток да престане, да биде запрен, а на српската влада и ветивме дека ќе работиме за да не се прекине снабдувањето со нафта на Србија“,
рече О’Брајан.
Во 2008 година НИС беше продадена на руски „Газпром нефт“, а во моментов, според официјалните податоци, „Газпром нефт“ и „Газпром“ имаат 56,15 отсто сопственост, додека 29,87 отсто е во сопственост на српската држава.
