Од Мрежата за заштита од дискриминација потсетуваат дека вториот мандат на актуелниот народен правобранител истекува на крајот од 2020 година, а Собранието е надлежно да покрене постапка за избор на нов правобранител преку објавување оглас најдоцна три месеци пред истекот на сегашниот мандат
Во пресрет на изборот на нов народен правобранител, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието на оваа функција да избере стручно и независно лице, со цел да се овозможат реформи во работењето на оваа институција, која со години наназад, како што се посочува, не успева да обезбеди ефикасна и ефективна заштита на правата на граѓаните.
Од Мрежата за заштита од дискриминација потсетуваат дека вториот мандат на Народниот правобранител Иџет Мемети истекува на крајот од 2020 година, а согласно Законот за народниот правобранител, Собранието е надлежно да покрене постапка за избор на нов народен правобранител преку објавување оглас најдоцна три месеци пред истекот на сегашниот мандат.
Вториот мандат на досегашниот омбудсман Иџет Мемети истекува на 24 декември годинава. Тој беше 16 години на оваа функција, а неговиот реизбор остана запаметен по тоа што се случи за време на т.н. „црн понеделник“ во парламентот во 2012 година, кога тогашната опозиција беше исфрлена од собраниската сала, а новинарите од галеријата, за да се протурка буџетот за 2013 година. Потоа, следуваше реизборот на Мемети, кој остана во собраниската сала.
Според тоа, Собранието кон крајот на септември требаше да донесе одлука за распишување јавен оглас за избор на нов правобранител, ама тоа не се случи досега.
„Земајќи ги предвид објавите во медиумите во изминатиот период, со кои различни политички партии јавно се осмелија да најават дека планираат да назначат партиски кандидати за народен правобранител, апелираме до сите пратеници и парламентарни политички партии да се воздржат од партиски преговарања и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес за избор на следниот народен правобранител“,
се наведува во соопштението од Мрежата против дискриминација.
Како што оценуваат, иако народниот правобранител како институција постои повеќе од 20 години, сè уште не успева да ги исполни меѓународно пропишаните критериуми за национални институции за човекови права, како што се Париските принципи за статусот на националните институции за човекови права на ООН и Принципите за заштита и промоција на омбудсманот на Венецијанската комисија.
„Агенцијата за темелни права на Европската Унија препорачува обезбедување поголема транспарентност при процесите на избор и нивна отвореност за најголем број на кандидатки и кандидати, како и вклученост на Собранието, но и на независни актери во процесот. Дополнително, Европската комисија повторно нѐ потсети дека е потребно именување на членови на независните тела засновано врз заслуги со што ќе се осигура нивната компетентност и интегритет. Ова несомнено важи и за идниот народен правобранител“,
посочуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Како здруженија на граѓани кои работат на унапредување на човековите права во земјата и на нивна заштита, низ годините, наведуваат, утврдиле недостатоци во раководењето со оваа институција од страна на народниот правобранител и недоследност во реализирањето на неговиот уставен мандат, што како последица имаше: недоволна транспарентност во работењето; случаи на донесување несоодветни препораки и мислења во предметите со кои не се препорачува отстранување на повредите на правата; нецелосно следење на почитувањето на препораките кои ги има донесено и непреземање на последователни дејства во случаите кога институциите не ги почитуваат препораките; ниско ниво на сензибилност и знаења за човековите права на маргинализираните групи. Меѓу забелешките се и: недоволна соработка и дури одбивање на соработка со здруженијата на граѓани; ретко преземање на мерки по сопствена иницијатива; недостаток на активности за промоција на човековите права и несоодветно прибирање на податоци и ретко спроведување на истражувања за дискриминација.
Од здруженијата членки на Мрежата потсетуваат на извештајот на Прибе во кој бил наведено дека народниот правобранител „се пројавува како неволен да го користи својот мандат во целост веројатно затоа што балансира помеѓу тоа да не ја вознемири премногу владејачката гарнитура во врска со определени случаи и неговата способност да спроведува истраги во помалку политизирани случаи… Народниот правобранител не пристапува систематски кон разоткриените потенцијални прекршувања на човековите права, иако, настрана од очигледниот политички притисок (директен или индиректен), ништо, теоретски, не го спречува него да дејствува силно на откритијата како вистински надзорен чувар на поредокот“.
Воедно, предупредуваат дека со избор на партиски кандидат за народен правобранител, а имајќи го предвид долгиот мандат од осум години, со можност за реизбор, повторно ќе се оневозможи развој на институцијата, нецелисходно ќе се трошат буџетските средства за негова работа и граѓаните ќе продолжат да бидат лишувани од ефикасна и ефективна заштита на нивните права.
За време на преговорите за формирање на новата влада на СДСМ и на ДУИ, имаше информации дека за нов народен правобранител се подготвува Насер Зибери, кој во предизборието фигурираше како кандидат на ДУИ за прв премиер Албанец во Северна Македонија.