Од податоците кои пристигнуваат во мониторинг системот за квалитет на воздухот може да се види дека во периодот околу 16-17 часот до полноќ, концентрациите на PM10 се зголемуваат најмногу, вели министерот за животна средина
Со оглед на тоа што Скопје е во котлина и со познатите метеоролошки услови кои ја ограничуваат дисперзијата на емисиите и ги олеснуваат хемиските реакции со кои се создаваат секундарни честички, ќе продолжиме да се соочуваме со смог додека не го смениме начинот на греење, не ја модернизираме мобилноста и не ги контролираме подобро индустриските емисии, вели во интервју за МИА министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
„Влегуваме во грејната сезона кога настанува и температурната инверзија. Според анализите што ги имаме, забележани се неколку дена со благи надминувања на среднодневната гранична вредност за РМ10 на одредени мерни места. Од податоците кои пристигнуваат во мониторинг системот за квалитет на воздухот може да се види дека во периодот околу 16-17 часот до полноќ, концентрациите на PM10 се зголемуваат најмногу“,
вели Нуредини.
Според него, сите досегашни студии упатуваат на тоа дека за загадувањето во зимскиот период најмногу придонесува начинот на кој ги загреваме објектите. Потоа, додава, го имаме и застарениот возен парк (според истражувањата возилата се стари во просек по 16 години) и секако индустријата.
„Секако дека високите згради влијаат на протокот на воздух и ова секогаш треба да биде земено предвид кога се планира идниот развој на еден град. Исто така мора да бидеме искрени со самите себе и да го споредиме животниот стандард пред, да речеме, 50 години, кога многу семејства живееле заедно во помали простори и загревале многу помалку простор, односно метар квадратен по човек. Денес живееме во поголеми станови и згради, а сепак не сме го промениле начинот на загревање. Резултат на тоа е дека загреваме многу повеќе простор од порано, а се уште ги користиме истите методи како тогаш. Можеме да ги употребиме истите аргументи и за возилата, тогаш едно домаќинство имало едно возило, сега речиси секој член на домаќинството над 18 години има возило. И да го додадеме на тоа развојот на индустријата. Така што, за жал, времињата се неспоредливи“,
вели Нуредини за МИА.