„Имаме големи дебати во Владата како ќе го обезбедиме тоа, дали ќе биде јаглен, гас или друго, тоа е најголемата дебата во Владата на секоја седница, на секој состанок. Нормално, ние бараме како Министерство за животна средина тие фосилни горива што ние ќе ги увеземе и ќе ги употребуваме да бидат според законските стандарди. Тоа значи дека ние заедно со Министерството за економија бараме од Инспекторатот (за животна средина) да го направи тоа што е потребно и да потврди дека стандардот на јагленот е според законски одредби“, вели Нуредини
Најголемата дебата што се води на секоја владина седница е за обезбедување на енергенси за претстојната грејна сезона и нормално ние како министерство бараме тие фосилни горива што ќе ги увеземе и ќе ги употребуваме да бидат според законските стандарди, изјави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини одговарајќи на новинарски прашања дали зимава ќе дишеме чист воздух со оглед дека енергенсите што властите се обидуваат да ги набават вклучуваат јаглен и мазут, кои се големи загадувачи.

Нуредини вели дека мора да бидеме искрени дека не станува збор за енергетска криза само во нашата држава туку за криза на европско и на светско ниво.
„Сите се обидуваме да обезбедиме струја и енергенси потребни за нашите граѓани и за приватниот сектор. Да за жал така е, имаме големи дебати во Владата како ќе го обезбедиме тоа, дали ќе биде јаглен, гас или друго, тоа е најголемата дебата во Владата на секоја седница, на секој состанок. Нормално ние бараме како министерство за животна средина тие фосилни горива што ние ќе ги увеземе и ќе ги употребуваме да бидат според законските стандарди. Тоа значи дека ние заедно со Министерството за економија бараме од Инспекторатот (за животна средина) да го направи тоа што е потребно и да потврди дека стандардот на јагленот е според законски одредби“,
изјави Нуредини.
Тој додаде дека мора да бидеме свесни дека ситуацијата нема да биде лесна.
„Но, ако сите заедно се обидеме да бидеме солидарни, да бидеме енергетски ефикасни мислам дека ќе се помине без проблеми“,
рече Нуредини.
Прашан дали ќе има кратења од буџетот за животна средина или алоцирање на ресурси, министерот беше дециден дека такво нешто нема да има, туку напротив ќе се продолжи со инвестиции за обезбедување на чиста животна средина.
„Нема да се крати буџетот, нормално ние сега сите сме концентрирани да обезбедиме енергенси што ќе бидат потребни во државата. Сега помина закон за води и ние ќе инвестирани 50 милиони евра на сите општини. Очекуваме дека овие денови Комисијата за финансии сигурно ќе има седница и ќе помине закон за инвестиција на ЕБОР за регионални депонии. Не значи дека ние во текот на кризата нема да се бориме за животната средина, ќе продолжиме и оваа година да инвестираме во нови мерни станици, сите мерни станици се во функција. Ние ќе продолжиме да се бориме за чиста и здрава околина за нашите граѓани“,
изјави министерот за животна средина и просторно планирање.
Инаку, земјава, како што досега беше соопштено од владата има договор за снабдување со лигнит и јаглен од Грција, а како што изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата со својот грчки колега, Киријакос Мицотакис на 13 септември, постигнат е договор и за непречено снабдување со мазут преку Грција.
„Прво, снабдувањето со лигнит и јаглен, кој доаѓа од рудниците во Грција, ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК ‘Битола’ и во РЕК ‘Осломеј’. Втората тема на која постигнавме договор е непречено снабдување со мазут преку Грција како што и досега имавме снабдување со цел непречено да може да функционира ТЕЦ ‘Неготино“’, со што ќе обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет“,
изјави тогаш Ковачевски.