„Њујорк тајмс“ денеска објави дека новите разузнавачки информации, разгледани од американски официјални лица, сугерираат дека проукраинска група составена од руски или украински државјани, го извршила нападот на гасоводот „Северен тек“ минатата година, но нема цврсти докази за ваквите заклучоци

Новите разузнавачки информации разгледани од американски официјални лица сугерираат дека проукраинска група го извршила нападот врз гасоводите „Северен тек“ минатата година и дека нападот бил извршен без знаење на украинските власти, објави „Њујорк тајмс“, цитирајќи американски претставници кои сакале да останат анонимни.
„Американските власти рекоа дека немаат докази дека претседателот Володимир Зеленски од Украина или неговите врховни поручници биле вмешани во операцијата, или дека сторителите дејствувале по насоки на некој украински владин функционер“,
пишува „Њујорк тајмс“.
Американскиот весник наведува дека прегледот на новособраните разузнавачки информации сугерира дека тие биле противници на рускиот претседател Владимир Путин, но не се прецизирани членовите на групата, ниту кој ја водел или платил операцијата.
Американските функционери одбија да ја откријат природата на разузнавањето, како е добиено или какви било детали за доказите што ги содржи. Тие рекоа дека нема цврсти заклучоци за тоа, додава „Њујорк тајмс“.
Официјални лица запознаени со разузнавањето изјавија дека се верува оти сторителите се најверојатно украински или руски државјани или дека групата е мешана. Додаваат дека во акцијата не биле вклучени ниту Американци ниту Британци.
Се верува дека експлозивот бил поставен на дното на Балтичкото Море од искусни нуркачи кои официјално не се дел од воените или разузнавачките структури. Но, можно е државата да им обезбедила специјализирана обука.
„Њујорк тајмс“ пишува дека секоја сугестија за вмешаност на Украина, без разлика дали е директна или индиректна, може да ги наруши деликатните односи меѓу Украина и Германија, нарушувајќи ја поддршката кај германската јавност која ги проголта високите цени на енергијата во име на солидарноста.
Украина веднаш реагираше на тврдењата за „Северен тек“ објавени од „Њујорк тајмс“. Михајло Подољак, помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, ги коментираше тврдењата на американските официјални претставници дека проукраинска група извршила напад на гасоводите „Северен тек“.
Во својата реакција на оваа информација, Подољак инсистираше на тоа дека Киев „апсолутно не бил вклучен“ во минатогодишните напади на Северниот тек. Тој рече дека нема такви информации какви што доаѓаат од американски претставници.
Експлозиите што го потресоа Балтичкото Море и во кои беа оштетени цевководите „Северен тек“ 1 и 2 се случија кон крајот на септември. Цевководите беа оштетени на четири места, две во шведските и две во данските води.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека персоналот на британската морнарица ги разнел гасоводите „Северен тек“, тврдење за кое официјален Лондон рече дека е лажно.
И Шведска и Данска заклучија дека четирите истекувања на „Северен тек“ 1 и 2 биле предизвикани од експлозии, но не кажаа кој би можел да биде одговорен за тоа.