Иако Никола Мицевски нагласи дека опозицијата ќе гласа „против“, Калевска-Ванчева од СДСМ ги повика сите пратеници да преземат одговорност за спроведување на статистичката операција
Пописот треба да се спроведе од 1 до 22 април годинава, а со него ќе бидат опфатени и лицата што работат надвор од државата, објасни денеска во Собранието заменик-министерот за правда Агим Нухи на почетокот на расправата за новото законско решение за претстојната статистичка операција.
„Лицата што работат надвор од државата, попишувањето ќе го направат сами, со посебна апликација, која ќе биде инсталирана на интернет-страницата на Државниот завод за статистика, од 1 март до 21 април 2021 година“,
појасни Нухиу.
Тој посочи дека со законот се предвидени 50 региони за попис и секој од нив ќе има посебна комисија. Во целиот процес ќе се почитува правичната застапеност во комисиите, како и при изборот на попишувачите.
„Во четвртото поглавје од законот, е предвидено дека актите што ги донесува директорот на Заводот за статистика ќе имаат правен ефект ако нив ги прифати и неговиот заменик. Така, не може да има измама на етничка основа“,
истакна Нухиу.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека за нив е неприфатлив ваквиот закон и оти ќе гласаат против.
„Со законот не дојдовме до пленарна седница на начин на кој посакувавме и повикуваме. Од самиот почеток баравме државен консензус за ова прашање, а не владино-коалициска одлука на партиите од власта за начинот, односно формата за спроведување на пописот. Испуштивте шанса од самиот почеток да дадете легалност и легитимитет, односно доверба на статистичката операција – наречена попис“,
нагласи Мицевски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ сакала да учествува во овој процес и затоа од пратеничката група поднеле 26 суштински амандмани, кои биле во согласност со регулативите и препораките на Европскиот парламент, Обединетите нации и Евростат, но владејачкото мнозинство не ги прифатило.
Мицевски потсети дека власта не го прифатила предлогот на опозицијата при пописот да се користи отпечаток од прст.
„Пописот треба да биде статистичка операција која треба да даде бројки за резидентно население, а не за бројот на државјани. Ја нема дефиницијата за постојано место на живеење, која мора да ја има секој закон за попис. Според регулативите на ЕУ и според ООН, за резидентни жители се сметаат оние што живееле во нивното место на вообичаено живеење во континуиран период од најмалку 12 месеци пред пописот и оние што пристигнале во нивното место на вообичаено живеење во текот на 12 месеци пред пописот со намера да останат таму најмалку една година“,
рече истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека вака како што се планира пописот, ќе даде резултати кои ќе бидат под знак прашалник.
Снежана Калевска-Ванчева ги повика сите 120 пратеници да дадат поддршка за законот, затоа што, како што рече, тоа е важна операција за државата и за граѓаните.
„Очекувам дека на крајот од оваа дебата ќе застанеме сите цврсто и како законодавен дом ќе искажеме довербата во законот и во волјата да се спроведе оваа статистичка операција, од која зависи сѐ во државата. Конечно, како општество, по 30 години самостојност, треба да кажеме дека има консензус, има општествено политичка поткрепа за пописот. Навистина, не сакам да протолкувам дека фрлањето сомнеж на законот се прави заради одбегнување на одговорноста, која секогаш е најголема кај власта. Но сите ние овде имаме одговорност и никогаш не можеме да побегнеме од неа, па колку и да сакаме однапред да се оградиме“,
истакна Калеска-Ванчева.