Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска, денеска потврди дека бебето има повреда на раката која настанала во моментот на породувањето. Вели дека новороденчето е во стабилна состојба и дека се здобило со лесна пареза, која, како што вели, најчесто се повлекува до 48 часа
Првичната проценка на Комисијата формирана во рамки на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје е дека нема стручна грешка во случајот со новороденчето со повредена рака. Комисијата беше формирана откако во медиумите се обелодени случајот за новороденчето кое со повредена рака беше родено на ГАК.

Порталот „Скопје 1“ објави дека по породувањето на 30 декември, на родилката и на нејзиниот сопруг не им било дозволено да го видат своето бебе. По долго инсистирање, мајката на кратко го видела новороденчето, а подоцна таа и таткото дознале, како што велат, дека бебето има скршена рака.
Директорката на ГАК, Викторија Јовановска, денеска потврди дека бебето има повреда на раката која настанала во моментот на породувањето. Вели дека новороденчето е во стабилна состојба и дека се здобило со лесна пареза, која, како што вели, најчесто се повлекува до 48 часа.
„Плодот е роден во одлична кондиција со многу добра оценка за виталност. По раѓањето, бебето било дадено на проценка кај педијатар. Педијатарот проценил дека се работи за лесна пареза. Таква пареза најчесто се повлекува за 24 до 48 часа“,
вели Јовановска.
Додава дека денеска се сретнала со семејството на бебето и им објаснила како е настаната повредата.
„Им објаснував како е настаната повредата, дека тоа е можна и предвидена компликација“,
рече Јовановска.
Јовановска објаснува дека ова може да се случи како компликација при попречена поставеност на плодот и дека мајката уште на прием на Клиниката била заведена како родилка со ризик поради хронични заболувања.