Од ДПИ велат дека мониторингот на цените се врши во согласност со Законот за заштита на потрошувачите и Законот за трговија. Инспекторите ги гледаат сегашните цени на производите што ги содржи листата од новогодишната кошничка, но и најниските цени на истите производи кои биле применувани во последните 30 дена
Намалување за 10 отсто на производите што се опфатени во новогодишната кошничка утврдиле пазарните инспектори во денешните контроли на оние маркети што имаат дозвола за работа во недела.
Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) велат на рафтовите во маркетите каде што се поставени производите што се дел од новогодишната кошничка може да се забележи натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме!“.
Од ДПИ велат дека мониторингот на цените се врши во согласност со Законот за заштита на потрошувачите и Законот за трговија. Инспекторите ги гледаат сегашните цени на производите што ги содржи листата од новогодишната кошничка, но и најниските цени на истите производи кои биле применувани во последните 30 дена.
Во текот на кампањата што почна од денеска, а ќе трае до 15 јануари, од ДПИ велат дека ќе вршат контрола низ маркетите за да утврди дали се почитува договорот постигнат помеѓу Владата и трговците.
Од Инспекторатот упатуваат апел до граѓаните доколку забележат некои манипулации со цените на производите тоа да го пријават на телефонскиот број 191 или на веб-страницата www.dpi.gov.mk.
Од Министерството за економија денеска информираа дека во новогодишната кошничка, во која првично имаше повеќе од 670 производи, сега вклучени се повеќе од 960 производи од над 90 производители и дистрибутери. Производите, како што велат оттаму, достапни се во 38 ланци на маркети.
Од Економија велат дека листата на производи што може да се најде на интернет-страницата www.mojakosnica.mk., не е затворена и оти сите заинтересирани може да се пријават и дополнително со свои производи.
Новогодишната кошничка, пак, неколку дена е тема за преписки меѓу опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ и денеска, како и изминатите денови, обвинија дека мерката е манипулативна бидејќи трговците веќе ги зголемиле цените и оти Владата намерно оставила простор за тоа да се случи. Велат, сега наместо вистинско намалување на цените, трговците само ќе ги вратат на нивото на кое тие биле што, пак, значи дека нема да има реално намалување и оти граѓаните нема да добијат никаков бенефит.
Оттаму велат и дека додека цените на производите растат, стандардот опаѓа и оти Владата наместо да преземе одговорност и да се справи со кризата на вистински начин се занимава со манипулации со кои се штитат трговците.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, со објава на својот фејсбук-профил, вели дека со акцијата директно им се помага на граѓаните.
„Вклучени се над 80 компании, а новогодишната потрошувачка кошничка би се проширила со над 1 000 производи. Вака директно помагаме за стандардот на граѓаните и заштита од ценовни шокови“,
пишува Мицкоски.
Во новогодишната кошничка спаѓаат: леб и житарки, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Листата на производи чии цени треба да бидат намалени е скроена, односно понудена во договор со стопанските комори, производителите, трговците и дистрибутерите.