Од СДСМ, пак, во својата реакција потсетуваат дека ова е втора оставка на директор на некое јавно претпријатие на Град Скопје во рок од само шест месеци
По пет месеци на функцијата директор на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), на Иван Илиевски му истече мандатот и се очекува во наредниот период ЈСП да добие нов в.д. директор, соопштија од Град Скопје.
„На досегашниот директор градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му се заблагодари за досегашната професионална соработка во Јавното сообраќајно претпријатие, кое го наследи со огромни милионски долгови и кој покрај лошата состојба во која беше затекнато јавното претпријатие, со неговиот добар менаџмент и посветена работа, претпријатието го остава во добра организациска поставеност со решен голем број на проблеми, како на граѓаните, така и на вработените“,
се додава во соопштението на Град Скопје.
Оттаму потсетија и на сето она што било сработено во време на краткиот мандат на Илиевски и информираат дека во наредните денови ќе биде познато кој понатаму ќе го води претпријатието.
„И покрај покачувањето на цената на нафтата и нафтените деривати, цената на сите услуги (билети) во ЈСП остана иста, а нема/ше ни редуцирање на возниот ред. Со трите синдикати се договори потпишување на нов колективен договор во интерес на вработените во ЈСП. Овозможено е купување/валидирање на билет со мобилна апликација, а во завршна фаза е изработка на нова веб-страница. Исплатена е и првата рата од кредитот на ЕБОР за 33 МАН возила во висина од 50 милиони денари. Во интерес на јавноста во следните денови ќе биде објавено кој ќе го води претпријатието“,
информираа од Град Скопје.
Од СДСМ, пак, во својата реакција потсетуваат дека ова е втора оставка на директор на некое јавно претпријатие на Град Скопје во рок од само шест месеци.
„Наместо да воведе нови автобуси и бесплатен автобуски превоз, директорот на Јавното сообраќајно претпријатие ‘Скопје’ си поднесе оставка. Оставката на директорот на ЈСП ‘Скопје’ е втора оставка на директор на некое јавно претпријатие под ингеренции на Град Скопје во рок од само шест месеци. Очигледно дека и директорите на јавните претпријатија почнаа да бегаат од Данела Арсовска и нејзината неспособност“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Илиевски на позицијата директор на ЈСП беше поставен на 13 декември, а пред да ја презеде оваа функција тој бил член на Советот на безбедност во сообраќајот на патиштата на Град Скопје, а долги години работел и на раководни позиции во АМСМ и во Македонија сообраќај Америт.