Африм Фидани го доби потребното мнозинство во Судскиот совет уште на 26 мај. Имаше една противкандидатка која не поднесе жалба, што значи дека немаше пречка тој да даде заклетва и да почне да ја извршува функцијата уште на почетокот на месецов
Од Судскиот совет за „360 степени“ велат дека постапката се одложила поради годишните одмори
Врховниот суд на Република Северна Македонија и де факто ќе добие нов претседател. Де јуре, веќе 20 дена таа позиција му припаѓа на врховниот судија Африм Фидани. На 26 мај 2025-тата година тој го доби минимално потребниот број на гласови во Судскиот совет, осум, со што ја победи својата единствена противкандидатка, доскорешната претседателка на судот Беса Адеми.
Адеми ја прими одлуката и реши да не се жали, факт што му е познат на Судскиот совет уште од 3 јуни годинава. Па, со секој изминат ден растеше дилемата – зошто Африм Фидани не дава свечена заклетва и зошто неговиот избор не се објавува во Службен весник, без што не може да ја презеде функцијата. Денеска, ги поставивме тие прашања до Судскиот совет, на што го добивме следниот одговор:

Судскиот совет на Република Северна Македонија Ве известува дека новоизбраниот Претседател на Врховниот суд заклетва пред Судскиот совет ќе дава во текот на наредната недела, поради користење годишни одмори на членовите на Судскиот совет. За денот и часот на свечената заклетва јавноста ќе биде известена преку соопштение на веб страната на Советот.

„За“ избор на Африм Фидани за претседател на Врховниот суд на 26 мај гласаа осум членови на Судскиот совет. Тоа е и минималниот број на потребни гласови. Петмина членови на Советот беа против, вклучувајќи го и актуелниот претседател на „судката влада“, Александар Камбовски.
Во дискусијата пред гласањето, како недостатоци на Фидани беа споменати неговата анонимност во јавноста, па и меѓу судиите, како и недоволното познавање на состојбите во судството по актуелните прашања. Противкандидатката на Африм Фидани и претседателка на Врховен суд во периодот 2021-2025 година, Беса Адеми, доби само два гласа. Во моментов со Врховнот суд управува в.д. претседател, судијата Џемали Саити.