„Јас сум некој што дејствува, а не некој што зборува“ – вака на новинарите им се претстави новиот министер за животна средина, Насер Нуредини. За себе кажа дека не е човек од екологијата, но е добар менаџер и точно знае што треба да прави за Македонија да стане зелена земја со чист воздух од која младите нема да се отселуваат. Работата на својот претходник Садула Дураки кој се „прослави“ со реченицата „Не се бавам со граѓаните“, не сакаше да ја коментира.

„Грижата за еко-проблемите мора да почне уште од сега. Моја заложба ќе биде да изградиме зелена и напредна економија, и од примерот на другите да видиме дека преку грижата за животната средина можеме да отвориме и нови работни места“,
порача Нуредини.
Новинарите, кои многупати слушнале вакви говори, веднаш сакаа да проверат со какви сознанија и планови доаѓа Нуредини на чело на еден од најчувствителните ресори.

Прво откри дека во скоро време ќе се реагира за дивите депонии, напоменувајќи дека акцент ќе се стави на селектирањето отпад. Како една од главните заложби го спомена алтернативното греење, кое го смета за најголем причинител на аерозагадувањето.
Потоа следеа „тешките“ прашања – бројот и неодговорноста на некои инспектори за животна средина, проблемите со хидроцентралите во заштитените подрачја, функционалноста на мерните станици и како ќе се справи со антиеколошките потези на некои градоначалници од ДУИ – партијата која го предложи за шеф на ресорот животна средина.
Вети дека инспекторите ќе бидат строго контролирани, заменикот Јани Макрадули дополни дека Владата го зголемила буџетот на овој инспекторат за два пати и вработила дополнителни 17 инспектори.
Макрадули „скокна“ напомош и за прашањата за хидроцентралите и мерните станици – напомена дека за 3 хидроцентрали во заштитени подрачја не се издадени дозволи и дека се бара решение за оние инвестиции за кои се платени сите давачки.
За мерните станици, посочи дека очекува сите сензори на сите вакви станици да бидат функционални во пресрет на грејната сезона.
Кога дојде на ред прашањето што ќе прави со неодговорното однесување кон животната средина на некои градоначалници од ДУИ, кусо порача дека за тоа треба да разговараме со раководството на ДУИ и дека негова улога е во наоѓање решенија, а не водење политика.