Герасимовски порача дека Општината ќе биде зелена и чиста и нема да дозволи злоупотреба на државно земјиште за бетонизација на Центар и најави дека ќе продолжи со ревидирање на Деталните урбанистички планови
Новиот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски од СДСМ, ја презеде функцијата од сопартиецот, досегашниот градоначалник, Саша Богдановиќ.
Богдановиќ, соопштија од Општината, го запознал за функционирањето, работата на администрацијата и другите тековни работи во општинските простории. Герасимовски, пак, посочил дека ќе продолжи да ги реализира добрите проекти.
„Благодарам за топлиот прием кој го добив од досегашниот градоначалник Саша Богдановиќ. Чест и задоволство ми е што граѓаните ми дадоа можност да управувам со Општината и да ги реализирам проектите од програмата која ја направив според нивните потреби. Ветувам дека нашата општина ќе биде зелена, чиста и со резидентни паркинг-места за станарите и дека нема да отстапам од злоупотреба на државното земјиште за нова бетонизација на општината”,
изјави Герасимовски.
На примопредавањето на функцијата, тој посочил дека Центар изминатите четири години под раководство на Богдановиќ спровел успешни политики и преку ревидирање на Деталните урбанистички планови (ДУП) се заштитени 14 000 квадратни метри зеленило, како и дека е пренаменето земјиште во „памптрак“ и градинка, а спречена е и изградбата на Шпанските скали и Панорамското тркало.
„Јас ќе продолжам со ревидирањето на сите преостанати ДУП со цел да добиеме нови површини за јавно добро. Неколкупати и досега напоменав дека Општината ќе биде отворена за граѓаните за побрза интервенција, спроведување на законите и реализирање на нивните потреби и барања. Мојата цел е чесно и транспарентно раководење на Општината затоа што само така ќе изградиме доверба со граѓаните и добри проекти за развој на општината“,
рече Герасимовски.
Герасимовски во вториот круг од локалните избори ја победи кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Наташа Котлар-Трајкова. Тој освои 11 982 гласа, додека противкандидатката 10 160.