Глигоров се претстави со куса биографија, во која истакна дека по професија е економист, а специјалност му било оданочувањето. Тој беше поставен на местото на Ѓоко Велковски, кој во понеделникот беше разрешен од градоначалничката Арсовска поради, како што наведоа од нејзиниот кабинет, самоволие и сомнежи за обиди за влијание во милионски тендер за пречистителна станица
На денешната седница на Советот на Град Скопје на која на дневен ред беа советнички прашања и која започна бурно, за првпат се претстави и новиот генерален секретар на Градот, Зоран Глигоров, досегашен шеф на кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.
Глигоров излезе на говорницата откако беше прозван од советникот Владимир Нелоски, тој да му одговори на прашањата бидејќи градоначалничката по нејзиниот запалив говор во кој директно го нападна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, си замина од салата на Град Скопје.

Глигоров се претстави со куса биографија, во која истакна дека по професија е економист, а специјалност му било оданочувањето. Тој беше поставен на местото на Ѓоко Велковски, кој во понеделникот беше разрешен од градоначалничката Арсовска поради, како што наведоа од нејзиниот кабинет, самоволие и сомнежи за обиди за влијание во милионски тендер за пречистителна станица, односно поради истите наводи поради кои беше разрешен и доскорешниот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински.
Неловски остана да ги чека одговорите од Глигоров написмено, но додека ги поставуваше прашањата го нарече новиот генерален секретар „гласник на градоначалничката Арсовска“, кој во институциите е познат како „она што Зоки го говори Данела го мисли, тоа што од Зоки пристигнува Данела го куца“.
„Јас моето прашање сакав да го поставам кон градоначалникот. Денес слушнавме многу политички говори од човек кој вели дека е независен, но по неколку минути градоначалникот се демантираше самиот. Бидејќи градоначалничката не е тука, сакам да ги поставам до гласникот на градоначалничката, досегашниот нејзин шеф на кабинет, сега генерален секретар, во институциите познат како: она што Зоки го говори Данела го мисли, тоа што од Зоки пристигнува Данела го куца. Секретаре, ми се допаѓа што градоначалничката знае да биде опседната со некои работи како што е опседнатоста кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, штета што не е опседната со проектите. Да беше спротивно, тие ќе беа реализирани“,
рече Нелоски.
Тој посочи дека во моментов се актуелни две теми прашањето за транспарентноста и кој лаже, а кој ја зборува вистина.

Нелоски, кој е советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за урбанизам при Советот, го праша новоназначениот генерален секретар на Градот, дали сопругата на директорот на новото Градско претпријатие за урбанизам „Кензо Танге“ е вработена во партиципативното тело за да има подобра комуникација после работното време или, пак, се работи за непотизам.
Тој постави и прашања поврзани со урбанистичките проекти најавени од Арсовска кои, како што истакна, не се уште ниту започнати.
„Човек што си го одржува зборот и во политиката и во животот е чесен човек, во спротивно прави други работи. На 8 јули градоначалничката имаше прес-конференција на која најави градежна офанзива, завршување на проектот на булеварот ‘Есенинова’. Кога некој ќе каже дека ќе започне или заврши проект треба да си стои на зборот. Дали градоначалничката рече дека од 1 август до 31 август ќе почне проектот Усјански канал. Дали е започнат проектот и до каде се градежните активности во општините каде градоначалничката Арсовска доби 14 000 гласа“,
наведе Неловски, а постави прашање и за фестивалите „Виноскоп“ и „Пиволенд“, односно дали градоначалничката ќе ја продолжи нивната традиција и колкава поддршка ѝ дал Градот Скопје на манифестацијата „Пиволенд“.
Неловски остана незадоволен од информацијата на новиот генерален секретар на Град Скопје дека ќе одговори написмено и ја напушти говорницата со порака дека не треба да „заборавиме дека функциите се минливи и менливи и ние треба после четири години да се погледнеме во очи кога ќе се сретнеме на улица“.
Понатаму, седницата продолжи и заврши во помирен тон, со прашања кои во најголем дел се однесуваа на конкретните урбани проекти и до каде се проектите и мерките за нивно решавање и санирање. Дел од советниците упатија апел дискусиите да се одвиваат во цивилизирана атмосфера.
Како што е познато, седница започна со остри препукувања на релација Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ. Предупредувања до Арсовска дека можеби за една година ќе се најде во обвинителство да дава исказ, но и обвинувања од нејзина страна дека „директорчињата на Мицкоски биле фатени со рацете во медот“ и ословување на Мицкоски со „шпицен градоначалник“, можеа да се слушнат уште по првото советничко прашање што ВМРО-ДПМНЕ ѝ го упати на градоначалничката.