Здружението на новинари (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираат за заканите на бизнисменот Зоран Азманов упатени до новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) по објавувањето на истражувачката приказна за градежните активности во скопско Тафталиџе.

Според ЗНМ заканите на Азманов кон ИРЛ се сериозен обид да се замолчи истражувачкото новинарство.
„Освен ова, кон колешката Маја Јовановска, во текот на минатата недела била упатена телефонска закана преку пуштање на снимени звуци од експлозија. Телефонскиот број од кој е упатена аудио пораката е познат на МВР, а содржината на истата јасно укажува на обид за заплашување и вознемирување на новинарите од ИРЛ. ЗНМ ги повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство сериозно да се заангажираат за расчистување на овие закани и наоѓање на идентитетот на лицето кое телефонски и се заканило на колешката Јовановска. Потсетуваме дека, институциите само преку строга санкција на нападите и заканите може да се спречат идно насилство кон новинарите.ЗНМ ги повикува Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство сериозно да се заангажираат за расчистување на овие закани и наоѓање на идентитетот на лицето кое телефонски и се заканило на колешката Јовановска. Потсетуваме дека, институциите само преку строга санкција на нападите и заканите може да се спречат идно насилство кон новинарите“,
се вели во реакцијата на ЗНМ.

ССНМ смета дека безбедноста на новинарите е од исклучително значење за демократските процеси во Македонија.

„Без решавање на ваквите случаи новинарите и медиумските работници нема да можат да работат слободно и професионално. Ова е втор случај оваа година на новинар на ИРЛ да добива закани. Претходно во јуни 2019 година, новинарот Давид Илиевски исто така телефонски добиваше закани по живот за објавена истражувачка сторија“,
соопштуваат од ССНМ.