Педесет и двегодишниот американски новинар Андерсон Купер стана татко на бебе од сурогат мајка, јавува неговата матична медиумска куќа Си-ен-ен.
Вајат Морган Купер се родил во понеделникот со тежина од 3,5 килограми.
„Иако претходно ова го немав кажано, гласно, и сè уште сум зачуден. Станав татко. Имам син и сакам да го запознаете“,
напиша Купер под фотографијата што ја сподели на својот профил на Инстаграм.
Тој вели дека во овие тешки времиња кои ги поминуваме, а сè уште претстојат тешки денови, треба да ги негуваме моментите на среќа.
„Важно е во овие тешки времиња да се држиме до моментите на радост и моментите на среќа. Дури и кога жалиме за загубата на нашите сакани, благословени сме со нови животи и нова љубов“,
напиша Купер.
Купер, кој е геј-маж, при својата објава за татковството вели дека никогаш не помислил оти еден ден ќе има дете, но е благодарен што тоа се овозможило.
„Благодарен сум им на сите лекари, медицински сестри и останатите вклучени во раѓањето на мојот син. Но, вечно благодарен ќе ѝ бидам на сурогат-мајката која го носеше Вајат, грижливо го надгледуваше и го роди“,
вели Купер.
Си-ен-ен објави дека јавноста е изненадена од овој потег на Купер, бидејќи тој претходно никогаш не ги споменал плановите за родителство.
Целосното име на новороденчето е Вајат Морган Купер и е комбинација од името на таткото на Андерсон и од семејното стебло на неговата мајка. Таткото починал кога Андерсон имал само 10 години, а неговата мајка починала минатата година.
„Посакував мајка ми, татко ми и брат ми да беа живи и да можеа да го запознаат Вајат“,
додаде Купер.