„Има една работа која ме вознемирува. Веќе ми кажаа дека кон оние кои се негативни на коронавирус се однесуваат како кон лепрозни. Ги избегнуваат контактите со нив, на работа, на пример… Тоа загрижува“
Ако поминат една ноќ на Клиника тогаш критичарите ќе почнат мерките да ги благословуваат. Вака новинарот Мирче Адамчевски го започнува своето сведочење за неговата лична битка со ковид-19, престојот на Инфективната клиника, сега од аспект на излечен од оваа болест предизвикана од новиот коронавирус.

Адамчевски е еден од 500- те кои го победија ковид -19. Во интервју за Канал 77, новинарот раскажува низ што поминал од моментот кога се зарзаил до моментот на неговото излегување од болница, за критиките на мерките што се преземаат како и за стереотипите кои се појавија кон оние кои се заболени со оваа нова болест.
Тој на Инфективната клиника поминал две недели како средно – тежок пациент, откако се заразил дома.
„Таму цело време бев во контакт со надвор, нормално со мобилнот и мене ми пречеше кога некои постојано викаа дека мерките за борба со коронавирусот се строги. Нив би им предложил барем една ноќ да поминат на Инфективна, да слушаат кашлање, кога ти се чини дека во болница ќе си ги искашлаш дробовите, офкања, повици од некои кои горат од температура, некои се бањаат во пот. Ако поминат една ноќ на Клиника тогаш критичарите ќе почнат мерките да ги благословуваат. Мерките не паѓаат од небо, гледаме дека ги предлагаат стручни лица. Доктори, експерти и добро е што е така. Политичарите помалку да се мешаат. Па затоа мерките мора да се почитуваат, во прв ред носење маски. Мора да се држи растојание. Можеби и јас не се согласувам со некои рестрикции кои се воведени, но кога се донесени мора да се почитуваат, особено кога даваат резултат. Јас мислам дека кај нас работите одат кон подобро“,
вели Адамчевски за Канал 77.
Медицинските сестри се ангели – чувари на пациентите
За третманот во болницата, тој вели дека има само пофални зборови за персоналот.
„Морам да го споменам нивниот професионализам и односот кон пациентите полн со оптимизам и тоа во прв ред на лекарите. Но, посебно треба да се издвојат медицинските сестри, бидејќи да работиш од седум наутро, до седум навечер а голем дел од тоа време да си со заштитни маски, очила или визири и друга заштитна опрема, не е лесно. Плус пациенти во различна здравствена состојба, непрекинати повици преку ден и на полноќ, болни се јавуваат, инфузии, инјекции. Да не зборувам низ што се поминуваат. Во една реченица, медицинските сестри се ангели чувари на пациентите“,
вели Адамчевски.
По ова негово патешествие тој има само еден совет:
„Има една работа која ме вознемирува. Веќе ми кажаа дека кон оние кои се негативни на коронавирус се однесуваат како кон лепрозни. Ги избегнуваат контактите со нив, на работа, на пример… Тоа загрижува… Јас до утре сум во изолација. Две недели по излегување од болница сум дома. Така што имам искуство со комшиите. Односот со нив е присен. Се шегуваме, иако има некои кои кога ќе им кажам дека сум бил заразен со вирусот ме гледаат со недовреба и полека се оддалечуваат од мене. Тоа ти е…Балкан“,
вели Адамчевски во интервју за Канал 77.